ДУИ е нападната од сите страни, бидејќи е клучот за функционирањето на државата. Но, ДУИ не се урива така лесно, бидејќи е структура која е родена од УЧК и крвта на мачениците, порача лидерот, Али Ахмети на коктелот организиран за изборот на новиот состав на чаирскиот огранок.
– Зошто сето ова? Затоа што бевме и сега сме клучната партија, без нас институциите на државата не би биле стабилни, без нас не би можела власта стабилно да функционира. ДУИ никогаш досега не била соборена, затоа што нашата партија не е родена во политички салони или телевизиски студија, туку е создадена од УЧК и од крвта на хероите, рече Ахмети.
Тој додаде дека никогаш не дејствувал преку туѓа пот и дека не бил вклучен во активности за злоупотреба на довербата на луѓето.
– Таа крв ја имам на врата, ја имам таа крв од мојата семејна традиција, никогаш не сме пораснале и не се храневме со туѓа пот, туку со потта на сопственото чело. Затоа, не сум влегол во овие полиња на дејствување за да ја злоупотребувам довербата на луѓето, ниту на фронтовите каде што сум бил, ниту во мирот што го градиме заедно со сите наши соработници, рече Ахмети.
Тој на Фејсбук им се заблагодари за топлиот и масовен прием од членовите на ДУИ во огранокот на Чаир.