Коле Манев
Зарем е можно, ме запраша колега и пријател кога пред неколку дена се видовме во една кафеана на улица Македонија. Знаев на што се однесува неговото прашање и чудење. Драг пријателе, продолжи колегата, се чувствувам празен како некој комплетно да ме исцедил. Верувај ми, продолжи, се прашувам дали во мене остана нешто. Се прашувам што ни се случува, зошто си приредуваме вакви лудории кои се надвор од здравиот разум?
Ќе ми веруваш ако ти кажам дека деновиве немам сила, ниту желба да застанам пред штафелајот и да насликам слика, за изложба и да не ти зборувам. Си велам што и да насликам слика или нацртам цртеж? Кому тоа ќе му треба? Вистина е дека секој од нас прво работи за себе, но зад сето тоа треба да има и нешто повеќе, да има некакво значење, надополнување со сето тоа што не опкружува, со секој со кој се среќаваме на улица, на работно место или во кафеана како ние двајцата.
Нели сме дел од една средина, од една држава, нели треба да постои некоја надеж дека секој напор што го правиме треба да послужи, условно да кажам, и за татковината, за историјата, да остане некој белег за утрешнината. Без такво нешто, се губи секоја смисла, нема никаква логика да земеш молив и парче хартија и дазабележиш нешто на неа. Од ова што ни се случува се урива се.
Можеби мислиш дека сум наивен или лекомислен, но убеден сум дека влегуваме во хаотичен свет, се наоѓаме, поточно не сместија, во физички и ментален кошмар, период во кој се се превртило наопаку и дека од сега понатаму, ако им помине ова лудило, ништо нема да биде како порано. Позитивната смисла ќе исчезне. Се прашувам самиот, те прашувам и тебе, како и зошто да застанам пред штафелајот и да насликам слика.
За кого ќе биде таа слика? За кого да сликам, за НАТО или за ЕУ? Нели не убедуват само тоа е нашиот излез и решение? А, ние сме дел од Европа, културно сме ги задолжиле и Европа и светот. Што треба да речат авторите кои пред векови ги изработија нашите икони и фрески? Што со нив и нивните дела? И тие ќе ги нарекуваме творци од Северна? Во последниве две или три години во нашата средина се намножија еден куп волшебници од Оз, кои нудат само лаги и измами.
Како вистински измамници, секој ден ни кажуват по некоја нова лага. Пријателе дали разбираш што ни се случува? Нашата поранешна министерка за култура, заедно со уште неколку пратеници од опозицијата, гласаа за Договорот од Нивици! Се стаписав, немав здив во мене кога го видов и слушнав тоа. Сега, кажи ми пријателе, од каде да најдам сила и да застанам пред штафелајот и да сликам? Зар авторот да се потпише дека е од Северна?
Сакале да го поправат договорот. Ха, лага до лага. И тогаш и сега се прашувам, те прашувам и тебе, зарем е можно такво нешто!? Некои велат биле заплашувани, уценети, сон не ги фаќало. Од нивното однесување и мене сон не ми доаѓа, разликата е во тоа што мојот глас на референдумот го фрлија во вода, а тие во Собранието постапија спротивно на волјата на граѓаните. И уште нешто, ти си роден во Егејска Македонија.
Според договорот, бидејќи си таму роден, ако сакаш да направиш изложба во Грција ќе треба да фигурираш како хеленски Македонец. Бидејки овде живееш, повторно според договорот, си од Северна. Ако одиш во друга земја, некаде во Европа ќе фигурираш како Хеленско-Северен Македонец. Ќе можеш да се снајдеш во таква една состојба? За кого ќе работиш, во чие име ќе делуваш?
Како Хеленски, како Северен или како мултикултурен? Затоа пријателе, душава ми е стегната како никогаш досега и не знам што уште ќе ни натоварат на плеќи овие нашиве современи волшебници од Оз кои лажат и мамат штом отворат уста. Власта дење и ноќе работи на смени, копа по криминалните аудио-записи, како да има желба половина држава да поапси. Колега дали сме свесни што ни се случува?, завршува пријателот.
По средбата со пријателот и колега, по испиените кафиња, се упативме секој кон своето дома. Во ателјето не можев да застанам пред штафелајот со намера да сликам или цртам.Повеќе размислував за разговорот со колегата и со чудење се запрашав: Навистина, зарем е можно!?