Сакале да признаме или не, но Македoнија стана држава во хибернација. Секако, ако благодарение на актуелната ни владејачка гарнитура во моментот, воопшто и сме држава. Веќе, ни деминутивот не не’ „вади“, не сме ни државичка, ко што некој некогаш милуваше да не нарече. Сега сме си класичен протекторат (кога би биле на детектор на лага, тој сега би направил: БИИИИП!). Фер, па и протекторатот е поим за нашиве државни собитија. Да, станавме ДОЛИНА НА МОЛЦИТЕ, макар била вардарска, во која некој толку милува северна долина.

Македонија спие… Со месеци веќе, во „државата“ (која одамна е се,’ само не држава) никој ништо не презема, небаре тоа е грев. Од оваа констатација одвреме-навреме се изделуваат само „ЗА“-евци, колку минорна, толку уште повеќе парадоксална групација, која наспроти својата мала бројчана поддршка, знае да реди големи „успеси.“ Лични, се разбира, оти поинаку и не знаат, ниту, пак, признаваат нешто надвор од сопствениот им делокруг, башка интерес, побашка џеб, најбашка стомак.

Да, „силом прилике“ или поверојатно „силом“ на наметнатите ни т.н. прилики, Македонија си  стана „Долина на молците“, замислена долина или територија со која владеат штетници кои недостигот на скрупули и IQ го компензират со вишок на власт. Нејсе што Рациновите „црни гробови“, не ги копаат за себе, туку за државата и нацијата. Паралелно „туѓите бели дворови“, сепак, ги чествуваат со сите нишани…

Знаете која е дефиницијата на молец?

„Мала, штетна пеперутка која уништува волна, крзно, шуми и други природни добра.“

На страна што ларвите ја прават белјата, но молецот не е ни пеперутка, туку штететник кој наликува на истиот род. Е, арно ама, на многумнина, сега изневерени билмези и чеда шарени, им личеше на надежна пеперутка, но тие пустите не сконтале дека дотичниве се жива превара и дубара, мимикриски маскирана со милионски (во долари и евра) нафатирана пропаганда. Башка, и молецот дејствува ноќе или под закрила на мракот  (читај „меџународна“ заедница).

Сепак, ова и не е толку лошо створче, кое какво-такво го создала природата. Нашиве МОЛЦИ се, сепак, многу побезобразни, башка поагресивни. За штетници да не правиме и муабет… Да, нашиве молци се олицетворение на пејоративот на именката.

Пејоративно, молецот се дефинира како „оној кој постојано додева и бара нешто“, во превод неаргументирана жива досада, копук, билмез.

Македонскиот политички молец, како ендемски вид би го дефинирале како оној кој постојано додева и бара менување Устав, историја, номенклатура на државата, име на истата, јазици, територијални организации, знамиња и што ли не. Наскоро, овие неолибералистички молци ќе ја сменат и химната, или поверојатно, ќе ја пензионираат оти ќе и пречи на „пријателска“ Грција. На страна Бугарија…

Уништената волна, крзно и шума од природните молци, сепак, се компензира со сезонска обнова на истите. Природата се погрижила за тоа…

Уништената држава, национален идентитет, гордост и достоинство од владиниве ни МОЛЦИ, за наша жал, сепак, е трајно ненадоместлива…

За природните молци и нивна регулација и дезинсекција се надлежни ЈП „Македонски шуми“, кои, иако како-така си ја вршат работата, сега ќе бидат ЈП „Северномакедонски шуми.“

Но тие не се виновни за нашиот кијамет, оти дезинсекција и неутрализација на политичкиве молци (тргање од сцената и сургун)  требаше да се случи многу одамна, а за нивната инвазија сме виновни сите ние кои катадневно само гледаме сеир и коментираме: „Их, се собрале 20 души пред Собрание за името, на слава поеќе ги има!“

И така, и ние станавме друг тип молци, молци во изумирање, кои се молат нешто да се случи, но не прават ништо околу тоа. Да, „оној кој моли“ – молец…

Штетниците – биле молци, „комуњари“ или какви било други паразити, драги диносаурусоидни молци мои, најмногу прогресираат кога просторот е празен и небранет…

P.S.  (прост скриптум, попрост здравје)

Ах, да бе, партиите се „криви“, не ние…