Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Ако сега, по оваа епизода со коските на цар Самуил, некому се уште не му е јасно што потпишаа Заев и оној Никола Димитров, и на што се согласи онаа комисија на чело со Драги Ѓоргиев, тогаш, тука помош нема. Освен можеби од лекар, иако и тоа е веќе под знак прашање.

Настрана тоа што коските не се на Самуил. Тие се очигледно на некое дете. Грција предаде коски на некое несреќно детенце, а Бугарија направи од тоа прослава, но во крајна линија, тоа не е ни битно.

Тоа што е битно е дека двете земји ни пратија политичка порака, а таа се однесува пред се на оние кои ракоплескаа на Заев и Димитров, а потоа на Бујар и сличните. Меѓу нив и на т.н. новинари. Пораката е, вие сте проститутки, ве плаќаме за полуголи да седите во излог, а таква ја направивте и вашата земја.

Тоа не е невообичаено. Предавниците никој не ги почитува, дури ни оние во чија полза го прават предавството. Прашајте било кој полициски инспектор што мисли за своите доушници. Само прашајте го. Дали ги гали доушниците? Да. Дали ги штити? Да. Но не ги сака и во првата прилика, жаргонски кажано, ќе ги „пушти низ вода“. Исто како што предавнциите во илинденскиот период, биле жртвувани од Османлиите или од било кого кому му служеле (Грци, Бугари, Срби – сеедно).

Истовремено, добивме заокружување на целата сага со Македонија и нејзините соседи. Македонија е држава која за соседите нема историја, а со која останува да се реши уште 19 век и првата половина од 20 век до 1944 година. За таа цел и натаму ќе се плаќаат оние што се нарекуваат новинари, ќе се плаќаат „аналитичари“ (Боже прости ми, ама немам поим што значи тоа – аналитичар и како се станува тоа), ќе се наведуваат обичните граѓани да го гушкаат ГТЦ во Скопје, да ја фарбаат Триумфалната порта… А потоа, таа држава може да ја снема, ако тоа го дозволуваат конкретните меѓународни релации. Ако климнат со главата големите сили.

Со тоа што, оние кои го сакаат распадот на Македонија, можат да ги чекаат тие „конкретни меѓународни релации“. Имаат време. Додека не се склопат коцките. Можеби за 10, можеби за 50 години. Ним им е сеедно.

И тука ни НАТО, ни евентуалниот влез во ЕУ на Македонија нема да помогнат. Ставањето нова кора однадвор на дрво кое е гнило одвнатре, нема ништо да смени. Ако државата и народот вештачки се создадени во 1944 година, ако македонски народ не постои, туку е измислен, тогаш нема ништо пологично од тоа таа вештачка творба да ја снема. За да не прави проблеми.

Засега, Македонија служи како тампон зона меѓу Грција, Албанија, Србија и Бугарија, вели еден прилично добро информиран разузнавач. Тоа е така од почетокот на деведесетите години на минатиот век. Од осамостојувањето, кое ниту една партија, освен една поголема и неколку помали, не го сакаше. Ги држи овие четири балкански земји на оддалеченост една од друга.

Но, кој ви вели дека таа потреба од земјата која, според странците, а и според „нашиве“ велики умови кои дремат во излогот за протитутки, вештачки е создадена во 1944 година вечно ќе трае. Еден убав сончев ден, може да се разбудиме и да сфатиме дека на тие сили на кои сме им биле потребни за да ги држат четирите наши соседи раздвоение, веќе не им требаме и тогаш – збогум на вештачката творба. Не мора тие ништо да направат. Не мора ни да ни поскауваат лошо. Доволное да кренат раце од нас. И тогаш тоа ќе се случи од внатре, зашто толкав број на предавници по глава на жител ниту една земја не може да истрпи.

И затоа, тука, немаме право да се лутиме на ниту една од околните земји. Тие си ја работат својата работа. Проблемот е што овде има такви кои ја одработуваа нивната, а не нашата работа. И по стоти пати пишувам: или ние ќе ги решиме нив, или тие нас заедно со државата. А нивните дечиња и натаму се ќе топрат во Хаг, по елитните скијачки центри, ќе се коцкаат во Монте Карло и ќе ги уредуваат своите станови во Монако.
Тука некаде ни е и приказната со оној косовски рапер што снимал спорѓт во Македониумот. Зошто ни е човекот виновен? Па тој не влезе на сила кај гробот на Никола Карев! Ние му го дозволивме. И небитно е дали имало или немало законски основ. Зашто, ене го гробот на Питу Гули. Не е во никаков Македониум. И гробот на Даме Груев. И тој на Леонид Јанков во гевгелиската црква Свети Спас. Тие се на отворено. Има ли здрав разум кој мисли дека врз тие гробови може да сними, на пример, филм за ворасни? Бог да чува и да брани. Или на Слива, каде се одвивала една од најславните епопеи од Илинден. Или уште подобро, „На ножот“. 67 души на загинатите комити уште обиколуваат на тоа место, а ние би снимиле спот. Нели? Ете, не треба да се дава дозвола, не треба да се наплаќа. Отворен простор за кој не е битно дали има или нема закон. И, во ред е таму, врз тие свети места да се снимаат спотови?

Најсмешни се релативизатаорите. Немало законска забрана, па директорот не знаел каков ке биде спотот, па министрот ќе предложел законски измени, па второ, трето и не не знам веќе… бројте до сто. И си велам, добро. Ама дали јас, вие, било кој, еве не мора да зборуваме з агоце, Даме, за „Слива“ и „Ножот“. Дали би дозволиле за 500, нека бидат 5000, нека бидат 50 000 евра, спот во танга и некаков кревет со розеви чаршафи, врз гробовите на покојните мајка и татко?

И случајот како единечен не е ни толку ботен. Се работи за нешто за што пишувам од недела во недела: за нашиот ментален склоп. Ние го релативизираме предавството на државата, предавството на комитите со срца чија димензија ние не можеме да ја сфатиме, погледнете ја духовната бедотија околу нас, јасно ќе ви биде и зошто, за нас веќе не е никаква вредност ни НОБ, иако уште имаме некаков си Сојуз на борци во кој веројатно има помлади и од мене. И зошто тогаш ни се виновни другите?

И кога сме кај Втората светска војна, да ве прашам: дали ја знаете судбината на Страшо Пинџур? Баба му Наца, го криела Гоце, татко му бил еден од водачите на Тиквешкото востание, кое за нас е бугарско, а со тоа и бабата и таткото на Страшо се Бугари. Ама Страшо, убиен токму од Бугарите, го славиме како Македонец! Самите ние ги даваме баба му и татко му, а мислиме дека ќе го зачуваме него? Не оди таа логика, нели?

Неделава тука беше и Урсула фон дер Лајен. И не упати на разговор со Бугарите. Кои до вчера велеа дека ние немаме спор со нив, туку со Брисел. Сега Брисел вели обратно: зборувајте со нив, со нив имате проблем. Ама за релативизаторите, оние кои го тврдеа истото што и Софија, и тоа не е проблем. Како да ги фрлиш, тие паѓаат на нозе. Истите тие кои до вчера велеа дека Владата е предавничка зашто тврди дека спорот е билатерален, сега пак тврдат дека Владата е предавничка, ама… Зошто? Ни тие не знаат, ама ете, колку да се каже нешто. И сега, оди, па најди им го крајот.

Патем, што е таа работа со некои 37 милиони вера во врема кога со МО раководеше Славјанка Петровска? Зошто држите прес конференции за тоа, наместо да поднесувате кривични пријави? И каде е оној Абази? Уште не е аут? Што правел Советот на јавни обвинители сето ова време, кога сигурно се знаело за тие 37 милиони, а немало никаква постапка за тоа?