Братислав ДИМИТРОВ за МИА
Откако колегата Вилијам Шекспир се помири со фактот дека еден од условите за да стане бесмртен е да умре, почна да работи на случајот. За почеток, навистина умре. Таква амбициозна активност „повлеквит“ размислувања за господ, ѓавол и други технички моменти. И „пошо“ во негово време Бернард Шо, Оскар Вајлд и Марко Цепенков сè уште не беа родени, завалијата мораше сам да ги измислува народните поговорки. Едната од нив хронично е актуелна за нашава, да ми извините на израз, политика: „И ѓаволот може да го цитира Светото писмо за своите потреби“.
Во комунизмот господ беше забранет поради производство на религија, која, според лицето В. И. Л., е „опиум за народот“. Тогаш на домашни слави срамежливо се јавија првите дисиденти приправници цитирајќи ја поговорката „Ѓаволот не е толку црн колку што изгледа“. А колку е црн? Многу повеќе? На ваквите празноверни коментари, марксистичките филозофи парираа со тезата дека ѓаволот е најцрн под мишки. Тогаш масовно почнаа да се јавуваат и црни магии. Ова се само дел од митовите и легендите што ги плашеа децата што не сакаа да пијат рибино масло. Возрасните не ги плашеа. Тие веќе си беа уплашени.
Во меѓувреме, обичниот свет (се мисли на простиот) се обидуваше со разни поговорки да го реши случајот со ѓаволот. Затоа што и без него имаа доволно проблеми со своите роднини, пријатели, соседи и сите останати. Поговорката „Во пеколот ѓаволот е позитивна личност“ вршеше работа. Сè до моментот кога нашиот маалски мислител Мане Кант флегматично им соопшти: „Пеколот е таму каде што сме ние“. После ова и пеколните казани со зовриено масло, заличија на пристојно место за живеење. Особено кога ќе се споредат со состојбата во нашите зовриени глави и плева на кодоши и предавници околу нас. Во тоа време поговорките беа во мода. Кога ние станавме модерни, нив ги снема. Големиот полемичар Љ. Д. Ф. со висина метар и згазена шумска јагода, еднаш почна полемика со мене користејќи српско-англиски речник, пошто е премодерен. Јас како старомоден и прост му одговорив со поговорката: „Какав си духом, тело ти е гигант“. Но кога гледам како професори, доктори и лидери навредуваат, гледано од денешен аспект испаѓа дека јас тогаш буцкото сум го пофалил.
Најдобрите поговорки ги смислува паталец, а тоа секогаш е народот. „Ѓаволот ни ора ни копа“. Правилно. Додека сите црнчат тој смислува разни марифетлаци. Црна мачка што поминува на 13-ти во петок, лепче што секогаш паѓа на земјата од намачканата страна и болва во чорап додека си на рингишпил или на опера. Еднаш нашиот Пеце го исфрлија од оперската сала „за нарушување јавен ред и мир“. А човекот само го прашал диригентот каде се наоѓа тоалетот (тогаш никој не спомнуваше болви иако во еден период беа како домашни животни, цимери на вошките).
Многупати сме напишале, ама се заборава или не се чита. Првично телевизијата била измислена за да може и неписмените да носат наочари. А неписмени имавме за извоз. Во тогашната наша држава Југославија од скоро 24 милиони, секој петти жител беше неписмен. После воведоа вечерно школо и сите се описменија. Течно читаа некролози по бандери, башка разгледници.
А кога престана да функционира магијата „да му цркне козата на комшијата“, ослабна и вербата во ѓаволот. Тогаш тој лично ја измисли ѓаволската кутија позната под терминот „телевизор“. Од телевизијата нема спас. Дури и весниците се покорисни. Со нив можеш да тепаш муви и комарци. Во минатото во месарниците се виткаше месо кртинка, а беа и предвесници на денешната тоалет-хартија. Телевизијата е еден од најголемите пороци. Нема никаква заштита. Освен ако не сме доволно радикални да набавиме ќускија (или токмак) за да го уништиме „вирусот“. Или, едноставно, да се преселиме на некој остров, каде што зенит на цивилизацијата се врвките за кондури.
Ситуацијата е очајна и алармантна. Група американски научници на чело со д-р Стенли Хјуз, ја проучувале телевизијата како наркотик и дошле до едно поразително откритие: телевизијата е алатка за декомпонирање на личноста! Симптомите се очигледни. Губење волја, зголемување апетит, апатија, која редовно преминува во меланхолија, хемароиди гратис. Од анкетираните (индекс 100), само осумнаесет „телевизорџии“ успеале да ја сочуваат својата личност. Што и не е некаква утеха кога ќе погледнеме какви сè личности шетаат по светот и пред телевизиските камери. Тие што ја одбегнуваат телевизијата стојат нешто подобро, но и поради фактот што и нив ги одбегнуваат.
Најчестата болест на телевизиските ѕвезди е желба за успех, власт по секоја цена и рана имбецилност. Доктор Хјуз резигнирано заклучува: „Какви се шансите на гледачите да ја одбегнат оваа болест? Никакви. Човек што не презема превентивни мерки, кој секоја вечер седи во центарот на епидемијата и не заслужува подобра судбина“.
Јас сум еден од болните зависници. Постојано гледам телевизија за да го слушнам она „на крајот на денот“ после што дискутантот реди долга низа мудри реченици, кои ја разбиваат мојата хронична заблуда. Јас мислев дека на крајот на денот се вечера, се мијат заби и се оди во спалната соба.
Не било така.




