Коста Кецмановиќ, момчето убиец кое на 3 мај уби девет ученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, денеска имаше четиричасовно сослушување на кое за прв пат по масакрот тој изразил каење за стореното дело. Тоа го потврди адвокатката која го застапува таткото на момчето убиец.
– Детето на рочиштето го потврди тоа што таткото претходно го изјави и објасни за начинот на кој таткото го чувал и го складирал оружјето како и тоа дека тој повеќепати му дозволил контакт со оружјето. Момчето изрази каење за сѐ што направи – изјави адвокатката за Курир.
Можеби ќе ве интересира
Адвокатите кои ги застапуваат семејствата на убиените, како и тројца родители излегле од судницата каде била воспоставена видео врска со психијатриската установа во која престојува момчето.
– На рочиштето присуствуваа адвокатите на семејствата, тројца родители од две семејства, бранителот на таткото на момчето, како и обвинителот на Вишото јавно обвинителство, кој го спроведе испитувањето. Момчето беше сослушано преку видео врска и одговори на сите прашања во врска со постапката против неговиот татко за тешко кривично дело против општата безбедност – потврдиле за српски Курир.
Сослушувањето траело четири часа. Родителите на жртвите видно потресени ја напуштија судницата, пренесуваат српските медиуми.