Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во врска со истрагата на Европската служба против измами (ОЛАФ) за злоупотреби на средстава од европските фондови во земјава против 17 субјекти во државава, рече дека е важно е да се види за какви субјекти се работи и повика тоа да се расчисти докрај.

„Впрочем, во нашиот систем знаеме дека е тоа и посебно кривично дело – малверзации или злоупотреба на европските пари и имало многу држави во регионов коишто имаат и повеќе случаи – Романија, Бугарија, Хрватска имала проблеми во одредени фази, но ги надминале и ги искористиле средствата и со ИПА, а и со структурните бидејќи со структурните знаете веќе ја објавија и таа анализа кај 11 поголеми се структурните фондови“, рече Маричиќ.

Изјавата доаѓа откако трошењето на парите на ЕУ во земјава е под лупа на Европската канцеларија за борба против измами.

Во последниве пет години од 36 истраги во земјите од Западен Балкан, половина односно 18 се во Македонија.

Се очекува истражители на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) за брзо време да дојдат во Скопје, дознава Радио Слободна Европа од домашни извори вклучени во истрагата.

Ова доаѓа откако Канцеларијата која е одговорна за ревизија на фондовите за земјите-членки на Европската унија и другите земји корисници на овие фондови, отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан, но половина од нив се токму истраги за злоупотреби во Република Македонија. Истрагите се спроведувани во изминатите 5 години, а според податоците објавени во годишните извештаи на ОЛАФ, земја со најголем број истраги започнати на Западен Балкан е Македонија.

„ Од започнатите истраги, ОЛАФ достави седум препораки до европските институции и македонските власти“, се вели во известувањето од ОЛАФ.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир изјави дека луѓето кои што ги злоупотребуваат парите на европските даночни обврзници всушност ги мамат и граѓаните на Македонија.

Тој додаде дека ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство.

„ Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во … Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги“, вели евроабасадорот Гир.