МИЦКОСКИ: Кому да ги дадеме доказите за пратениците што гласаа? На „Кацарска судството“ и „Рускоска обвинителството“?

/ 09.11.2018

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Отвореното студио со Љупчо Цветановски, истакна дека почесниот претседател на партијата и екс премиер Никола Груевски е жртва на политички прогон од страна на актуелната власт. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги спомена и обвинувањата на СДСМ за наводно украдени милијарди, а напомена дека сега Груевски е осуден поради стекнување нематеријална добивка, односно бидејќи неколку кратно се возел во возилото кое е предмет на судски процес.

-Самиот чин е преседан во судството и уште еднаш се потврдува тезата на ВМРО-ДПМНЕ, но и на јавноста во Република Македонија, дека имаме апсолутно целосно партизирано судство кое што е под стегите на Владата и дека Никола Груевски во случајот е апсолутно жртва на политички прогон и хајка која што се води против него. Бидејќи во минатото од страна на СДСМ кога тие беа опозиција во многу наврати сакаа да кажат дека милијарди се изнесени од државата, а денеска Никола Груевски, Кривичниот совет ја одбива неговата жалба за дело за кое што е осуден поради стекнување нематеријална добивка како што е возењето неколкукратно во возилото кое што е предмет на тој судски процес, исткана Мицкоски.

Според него, не треба никој да се залажува дека ова што го прави „Кацарска судството“, ќе остане неказнето кога ќе дојде до смена на власта.

Во врска со гласањето ан седумте пратеници од партијата за уставните измени, Мицкоски истакна:

„Имаме една пратеничка која што гласаше за отпочнување на уставните измени, но така жестоко ги напаѓаше на комисиската расправа што просто не можам да поверувам дека таа е истата личност. Потоа истата таа пратеничка гласаше против, не само она, туку сите од пратеничката група на Коалицијата за подобра Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, гласаа против дневниот ред на кој што точка беше отпочнување на уставните измени, за да видиме неколку дена потоа како таа пратеничка жестоко ги брани овие уставни измени. Кога била европска- кога жестоко го напаѓала Преспанскиот договор, кога гласала против отпочнување на дневниот ред или сега кога оди по светов и зборува невистини и се обидува да игра игра- пронајди го виновникот.“

-Потоа имаме пратеник кој што е потпишан на документ дека нема да гласа за уставните измени, а потоа гледаме дека тој пратеник гласа и тоа се случило за неколку дена, не се случило месец или години претходно. Кога бил тој проевропски- кога се потпишал дека нема да гласа или откога се потпишал дека ќе гласа? Тука не станува збор дали сме ние антизападни или прозападни или слично, станува збор за тоа дали се под пристисок или не се под притисок, самото тоа вас ви кажува, рече Мицкоски и додаде:

„ВМРО-ДПМНЕ има докази, но на кое судство да ги даде, на Кацарска судството да ги дадеме? На Русковска обвинителството да ги дадеме? И да очекуваме дека ќе имаме правда и правдина, дека ќе имаме правилна разрешница? Тоа не може да се случи. Но, верувајте ќе дојде денот кога сите докази ќе бидат презентирани на македонската јавност, што всушност се случуваше на тој црн петок, кој што ние го нарекуваме“.


Од истата категорија