Триесет дена притвор за бизнисменот Орце Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски, Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија и за Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Ова е одлуката на судијката по претходна постапка за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), по речиси десетчасовен распит на петмината приведени од вкупно 13 осомничени.

Околу 2.30 часот утринава, дел од осомничените беа спроведени во Истражниот затвор во Шутка. Тие се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.

Петмината осомничени кои беа приведени почнаа да пристигнуваат на распит во Кривичниот суд вчера околу 14 часот. Последен пристигна бизнисменот Орце Камчев, кој беше донесен со возило директно во гаражата на судот.

Претресот во просториите на Орка Холдинг почна вчера, околу 6 часот утрината со асистенција на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција.

Од СЈО најавија дека во скоро време ќе ја прошират истрагата за нови лица и за нови кривични дела и ќе бараат замрзнување на имотот.