Поранешниот премиер Никола Груевски до утрово не се појавил во затворот во Шутка, каде треба да почне со отслужување на затворската казна од две години за предметот „Тенк,“ откако вчера попладне Кривичниот совет ја одби неговата последба жалба.

Синоќа пред затворот новинарски екипи од речиси сите македонски медиуми беа во исчекување на Груевски. Официјални информации за тоа дали решението му е испратено немаше, но неофицијално, биле направени три обиди од судските курири во неговиот дом лично да му го достават решението.

Откако Груевски ќе ја добие одлуката, би требало веднаш да се јави во затворот за издржување на казната за блиндираниот мерцедес. Решението на Груевски може да му биде врачено в понеделник, кога поранешниот премиер треба да се појави на судско рочиште за предметот „Титаник“.

Доколку Судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението ќе се пристапи или кон негово спроведување или кон распишување потерница.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ги одби вчера жалбите на Груевски и неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер треба да се јави во затворот за издржување двегодишна казна за предметот „Тенк“.

Груевски завчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот.

Собранието на Република Македонија вчера не му го одзеде пратеничкиот мандат на Груевски зашто немаше двотретинско мнозинство.