Треба да има линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари, а не 6 отсто, преку протести порачаа и денеска пензионерите од неколку градови.
Со ова барање прилепските пензионери ги продолжуваат протестните собирања во центарот на градот пред Здружението на пензионерите. Сакаа и да влезат во просториите на Здружението и да се сретнат со претседателот, но беа спрешеми од обезедувањето. Тие не отстапуваат од барањето за линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите кое ќе значи достоинственост, особено за сите со ниски примања.
– Ние остануваме на нашето барање за линеарно зголемување на пензиите од по 3 500 денари. Велат дека не било можно, ама имаше линеарно за време на здравствената и економска криза од по 1000 денари. Немаме против никого, ама не може да се живее на недостоинствен и сиромашен начин, вели Верче Јанческа, пензионерка.
Пензионерите се револтирани од тоа што немаат поддршка од раководството на прилепското здружение на пензионерите и бараат смена на раководството во кое се сомневаат и за нивните уплати во време на пандемијата.
Пензионерите денеска собираа и потписи и со барањето за линеарно зголемување на пензиите ќе го достават до претседателството на Здружението на пензионери на Македонија, до Владата и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Група пензионери се собра и пред објектот на Здружението во Тетово, пренесува ТВ Телма. Истакнаа дека со ниските пензии не можат да имаат достоинствен живот. Парите не стигнуваат, зашто треба да платат сметки, лекови, а за храна малку останува. Според нив, минималната пензија треба да биде најмалку 20.000 денари.
„Дошло 3.000 денари сметка за струја, дошло за вода, каде е телевизија, телефон. Викаат телефон било луксуз. Па нека ни дадат и нас без пари телефони како во Владата. Која храна? – Да одиш да земеш 100 грама салама или 100 грама кашкавал еднаш во месецот. Жално е тоа“, коментира пензионер.
„Кога можеа за нив 78 отсто, изнајдоа начин по брза постапка да ги зголемат платите, тогаш нека најдат начин линеарно за покачување на пензиите“, реагираат пензионерите.
Линеарно зголемување и подобар пензионерски живот побараа и пензионерите од Свети Николе.
„Не сакаме да ги одвојуваме и оние коишто се со повисоки примања, сите заедно линеарно да можеме на некој начин да опстанеме, да можеме да преживеме, зашто ова е преживување веќе кај нас. Ова не е политички собир. Нема врска со партии, нема врска со политика“, вели еден пензионер од Свети Николе.
„Линеарно да се земе, на сите исто. Ќе одиме ако треба до крај“, порачува друг.
Од тетовското Здружение на пензионери велат дека не се организатори на протестот, но ги поддржуваат барањата, зашто голем дел од нивните членови, како поранешни вработени во фабрики, земаат минимална, па дури и пониска пензија.
„Навистина пензиите се многу ниски. Со тоа што јас ги поддржувам, да има линеарно зголемување, бидејќи нема посебни продавници за ниски пензии, а други за оние со високи пензии“, изјава Селвер Мемети, претседател на ИО на Здружение на пензионери Тетово.
Од тетовското Здружение информираа дека денеска добиле препораки и мислење од Сојузот на пензионери, каде се членови. Во дописот стои дека според Законот за пензиско и инвалидско осигурување нема основ за линеарно усогласување на пензиите. Сојузот подготвил предлози за зголемување на најниски пензии кое може да се реши во рамки на пензискиот систем, а не со посебен закон. Оттаму информираат дека презеле повеќе активности за подобрување на материјалната состојба на корисниците на ниски пензии.