Претседателот на бугарската фондација Македонија, Виктор Стојанов во интервју за бугарски медиум најави дека купиле фудбалски клуб во Македонија од Трета лига, но не откри за кој клуб станува збор. Стојанов најави дека од следната сезона ќе се преименува во Јунак.
– Да, можам да кажам дека веќе имаме тим! Процесот е тежок бидејќи не можам да одам во Македонија, испраќам луѓе кои ги водат преговорите, го фотографираат стадионот, се среќаваат со играчите, управата и тренерот. Имаме уште една средба следната недела. Законски, следната недела во тимското здружение ќе има наш претставник кој ќе биде директор, а сегашниот директор ќе стане заменик директор. Работите и чисто законски доцнат, бидејќи екипата е регистрирана како здружение, а не како компанија, но за Втората лига ќе треба да ја регистрираме како фирма, изјави Стојанов.
На прашањето како се вика тимот и која лига е, тој одговори дека намерно нема да го каже името на тимот, а седиштето на тимот е близу до бугарската граница.
– Причината е лиценцирањето, не сакам да смислат нешто и да го избркаат од Трета лига и да пропаднат нашите напори. Не дека и после тоа не можат, но ќе биде многу тешко и скандалозно, додава Стојанов.
Тој соопшти дека тимот ќе биде финансиран со донации на активистите на фондацијата и најави дека наскоро ќе разговараат и со разни спонзори од Бугарија.
– Ова е прва бугарска екипа во земјава по 80 години, а ќе бараме спонзори за кои е емотивно важно да има бугарски тим во земјата, вели тој.
Во интервјуто Стојанов истакна дека очекува поддршка од бугарските навивачи, кои ќе патуваат и ќе присуствуваат на натпреварите.