Неколку часа траеше расправата во Собранието за предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата на Уставот, на која претставниците на сите партии од говорница ги повторија своите позиции и аргументи „за“ и „против“ уставни измени. По излагањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека за продолжувањето пратениците ќе бидат дополнително информирани.

Со одлуката не се согласи опозицијата, која преку координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претходно побара од Џафери да не ја прекинува седницата без да се гласа за предлогот. „Тука сме, во сала сме, дозволете ни да се изјасниме, тоа е демократија“, порача Мицевски.

Додека ВМРО-ДПМНЕ оцени дека „победиле граѓаните и Македонија“, дека станува збор за „историски ден во Собранието, каде се покажала сплотеноста против уставни измени по бугарски диктат“, од СДСМ уште еднаш се обидоа да ги убедат пратениците да гласаат за европска иднина, место за изолација на земјата.