Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот и пратеник Александар Николоски остварија средба со Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во Република Македонија, информираат од партијата. Во соопштението понатаму се вели:
„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на земјата.
Претседателот Мицкоски ја информираше амбасадорката Дрекслер за актуелните политички состојби во државата и дека власта свесно го крши Деловникот за работа на Собранието со тоа што не ги става уставните измени на гласање, бидејќи нема двотретинско мнозинство, а тоа се потврди како што рече тој и на собраниската седница, кога по завршување наместо да се стави точката на гласање, истата се прекина.
Мицкоски уште еднаш го афирмираше ставот на партијата дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат, и посочи дека билатералните прашања не смеат да се услов за почеток на преговорите со ЕУ. Она кое што е потребно за исполнување на патот кон ЕУ се Копенхашките критериуми, кои подразбираат владеење на право, воспоставување на правна држава, борба со криминалот и корупцијата, како и почитување на човековите права и демократија.
Мицкоски рече дека во услови кога власта е делегитимирана и нема ниту поддршка од граѓаните, потребно е одржување на предвремени парламентарни избори кои што ќе значат излез од овој ќорсокак во кој владата на СДСМ и ДУИ ја втурнаа државата.
Воедно, Мицкоски изрази голема благодарност за исклучително добрата соработка и поддршка од страна на Сојузна Република Германија кон Македонија.
Соговорниците на крајот искажаа заемна согласност ваквите средби да продолжат и во иднина.“