Од францускиот предлог кој е бугарски, само Бугарија може да добие. Велат треба компромис, но овој пат има една работа што ниту една земја членка за преговори со ЕУ ги немала, а тоа да се прифатат работи како што е историска комисија. Ова не се Копенхашки критериуми, изјави потпретседателот од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во интервју за Македонско радио.

Тој истакна дека за во ЕУ треба владеење на право, реформи, подобро здравство, подобро судство.

– Никој нема дилема дали тоа е потребно, нашиот проблем е што оваа власт на СДС и ДУИ и овие политичари прифатија нешто што никој не би го прифатил изминатите години, а тоа е замислете историски комисии да одлучуваат дали утре ќе имате вето. И тоа ќе биде ултиматум од бугарската страна да се прифаќаат работи како тоа Македонија била бугарска, рече тој.

Тој истакна дека едно од најважните работи кои Бугарите сакаат да го постигнат е дека Македонија била создадена како земја 1945 година или македонскиот јазик настанал од бугарскиот.

– Со оваа преговарачка рамка, тоа е влезено во сржта на преговорите. Утре може да не блокираат ако не прифатиме дека Гоце Делчев не бил Македонец, зарем некој смее тоа да го прави? Во 21 век наместо за иднината ние се враќаме наназад да се докажуваме за нешто кое Бугарија сака да го присвои, истакна Мисајловски.

Мисајловски потенцираше дека заедничка историја е една од најтешките работи кои сакаат да ја прифатат, бидејќи Бугарија сака да докаже дека Македонија била бугарска земја.

Што се однесува до уставните измени, тој истакна:

„И ние во партијата знаевме, но и многу граѓани и експерти знаеја дека власта нема 80 пратеници. Но, се знаеше исто така дека по исцрпување на сите говорници ќе ја завршат седницата и ќе ја остават да лебди“.

Мисајловски додаде дека нервозата кај власта веќе се воочува, а најмногу може да се забележи по нервозните настапи на Ковачевски по емисии.

„Премиерот треба да ја сплотува нацијата. Но, Ковачевски како премиер излегува по емисии и постојано аналитички шири омраза, користи и заканувачки тон. Не е добро како прв човек што ја води државата да употребува таква агресија преку медиумите“, порача Мисајловски.

Тој посочи дека на Македонија и е потребен смирен и способен премиер. Потребен е премиер кој ќе наоѓа решенија за сите граѓани, а тоа Христијан Мицкоски го може.

„Потребно е да се обединат сите Македонци, сите македонски партии, сите албански партии да дадат допринос во сето тоа и да се изнајде подобро решение. Бидејќи уставните измени не ги прифаќаат 80% од граѓаните во Македонија“, потсети Мисајловски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мисајловски рече дека ВМРО-ДПМНЕ сака македонскиот народ да е охрабрен и да победи.

„Од прв ден ние рековме јасно и гласно дека нема да го поддржиме овој начин, нема да поддржиме вакви уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции“, укажа тој.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Македонија да влезе во океан на нови барања.