Говорот на претседателот на Европскиот совет го гледам како една сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето бидејќи за првпат после претходното проширување имаме временска одредница која што официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување, вели во изјава за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Ваквиот сигнал од ЕУ, според Маричиќ, треба да се искористи и би било жално доколку ја пропуштиме шансата и се блокираме самите себеси.

– Тоа е многу важен сигнал од ЕУ што ние мора да го искористиме. Тоа значи дека сите напори што ги вложуваме сега, оваа година, сите напори за кои што ни велат дека брзаме, се оправдани и и сакаме да го фатиме возот, да ја фатиме оваа можност што ни се дава, вели Маричиќ.

Пораката испратена од Бледскиот стратешки форум, оценува Маричиќ, е доволен сигнал дека работите во ЕУ се менуваат кон подобро, кон поповолно за нас и што побрзо ги завршиме нашите обврски, толку побрзо ќе се најдеме во групата на следни членки на ЕУ.

Во однос на предлогот на претседателот на Европскиот совет за воведување „confidence clause“, Маричиќ оценува дека тоа влева доверба и надеж за да држава членка која што е новопримена, нема право да блокира соседна држава по одредени прашања.

– Тие вета досега создаваа голем немир во регионот, голем немир во ЕУ и удираа директно на кредибилитетот на ЕУ. На овој начин ќе се обезбеди да нема можност која било држава која ќе пристапи кон ЕУ да го блокира својот сосед за да може тој процес да оди недвосмислено и без пречки. Во таа смисла и премиерот Андреј Пленковиќ рече дека е клучно билатералните прашања да бидат исклучени од преговарачкиот процес за да може тој процес да добие на кредибилитет, истакнува Маричиќ.

Она на што државава треба да се фокусира, според Маричиќ, се реформите. Процесот на пристапување, вели тој, бара трансформација кај државите кандидатки, но исто така бара и прилагодување на ЕУ кон прифаќање на новите членки.

– Сигналот од Шарл Мишел јас го сфаќам како порака тие процеси да течат паралелно за да не се губи време. Реформите во ЕУ и реформите за проширување кај државите кандидатки да течат паралелтно и тој процес да се соедини во 2030 година и тогаш да бидат подготвени и државите членки на ЕУ да примат нови членки во својот клуб и државите кандидати да бидат подготвени со имплементирани правила на ЕУ да станат членки кои ќе придонесат за развој на Унијата, вели Маричиќ.

Чекањето, смета Маричиќ, не е добра стратегија.

– Чекањето е само стратегија која ќе ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежда за ЕУ, оценува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во изјава за МИА.

Фото: МИА