Британската Влада вчера соработуваше со авиокомпаниите за да им помогне на патниците заглавени на аеродромите ширум Европа да се вратат дома, откако дефект во британскиот систем за контрола на летање предизвика големи нарушувања во воздушниот сообраќај, кои најверојатно ќе траат со денови.
Повеќе од 1.500 летови беа откажани во понеделникот бидејќи контролорите на летање мораа да се префрлат на рачна контрола поради технички проблем. Тоа беше државен празник во делови од Британија и еден од најпрометните денови во годината затоа што завршуваат училишните празници.
Британскиот министер за транспорт Марк Харпер предупреди дека може да поминат неколку дена за отстранување на сите проблеми, иако самиот дефект е саниран по неколку часа.
Рајанер денеска ќе лета со нормален распоред, соопшти главниот извршен директор на компанијата Мајкл О’Лири, критикувајќи ја британската управа за воздушен транспорт за начинот на кој се справува со кризата.
– Сè уште не сме добиле објаснување од нив, што точно го предизвика тој дефект и каде беа нивните резервни системи, напиша тој на Твитер.
Харпер истакна дека владините претставници не веруваат оти техничкиот проблем, прв од такви размери во последните десет години, бил резултат на кибер-напад.