Пред Владата се одржа протестот на голем број граѓани кои го изразија својот револт во врска со случувањата на Клиниката за онкологија.
Со транспаренти „Убивате за профит”, „Колку вреди човечкиот живот”, „Онкологија=профит”, „Разбуди се мој народе“, тие побараа овој случај да не помине неказнето.
Дел од учесниците на вечерашниот протест дојдоа преку мостот „Гоце Делчев“ носејќи голем транспарент на кој пишува „Убијци за профит“. Од насобраните граѓани беа пречекани со аплауз, кои им се придружија во скандирањата.
Човек кој се обрати на протестот, кажа дека е жално што 30 години народот вака се собира за лоши работи, но вели таква ни е државата. Мајка му имала карцином на бели дробови.
„Под итно и беше дадена на хемотерапија. Мајка ми беше карпа човек. После 3 дена на хемотерапија клапна. Мајка ми за седум дена се претвори во жив мртовец. Оваа влада, онкологија тоа што е поврзано, ова е мафија ненормална“, рече човекот.
Вели дека од оваа влада не видовме ништо, никој не одговараше за многу афери. За виновниците рече дека треба да скапуваат во затвор.
„Ќе се изборам за сите други, ако не успеав за мајка ми. Народот е тој што може да пресуди. Не дај Боже во оваа држава да се разболиш, нема кој да те лечи. Без разлика на вера или нација, да застанеме сите заедно“, рече една од говорничките.
Во овој момент, граѓаните протестираат пред Јавното обвинителство.