На изборното собрание на Македонската асоцијација на новинари (МАН) вчера беше избрано ново раководство, кое што во новиот мандат ќе се залага информативните портали да имаат исти права и обврски и да станат рамноправни со останатите медиуми опфатени со закон, како и заштита на медиумските работници со статус на службени лица во вршење јавна професија. Ивона Талевска е реизбрана за претседател на здружението, новинарите Цветин Чилиманов и Матеја Петровски беа избрани за потпретседатели, а Драган Павловиќ Латас за генерален секретар на МАН.
На изборното Собрание на МАН, со одлука на Извршниот и Надзорниот одбор, беа доделени и посебни признанија.
Три награди беа доделени за учесниците во ТВ серијата „Бистра вода“ – за Игор Василев – за музика во ТВ серијата, за Валентин Видовиќ – награда за тонска обработка и трета награда за Јани Бојаџи – за најдобра продукција, сценарио и режија за серијата “Бистра Вода“
Во основањето и развојот на комерцијалните медиуми, МАН додели шест награди за професионалци кои имаат посебен придонес како основачи и децениски уредници на главни македонски медиуми.
Едно од признанијата му припадна на Дарко Јаневски од Денешен.мк, поранешен главен уредник на Дневник и уредник во Фокус, Вечер и Нова Македонија, за долгодишен придонес за професионално информирање и стандарди во професијата. Другите признанија ги добија:
– Драган Павловиќ Латас, основач и главен уредник на Радио Вокс, на дневниот весник Вечер 7 години и ТВ Сител 22 години, а исто така и основач на МАН и 12 години генерален секретар на организацијата.
– Бранко Героски, еден од основачите и главен уредник на весникот Дневник, водечки дневен весник во Македонија додека постоеше. Автор на Тв емисии на А1 ТВ, основач и уредник на неколку неделни изданија, основач на весникот Слободен печат, како и основач на порталот Плусинфо.
– Николина Јакимова, директор на Метрополис, најголемата радиска групација која според МАН остава најдлабок печат како групација во слободниот радиски простор.
Во оваа група, како долгогодишни професионалци, но и главни уредници на најтиражните дневни весници во Македонија наградени се и:
– Предраг Димитровски – награда за долгодишен придонес за професионално информирање и стандарди во професијата
– Наташа Хаџиспиркоска Стефанова – награда за професионални стандарди во новинарството во областа на економијата
За ТВ Канал 5 доделена е награда за општествена одговорност и хуманост по земјотресите во Труција.
– Извршниот и Надзорниот одбор на МАН и благодарат на Канал 5 ТВ, особено на директорот Иван Мирчевски, кој даде целосна и несебична поддршка заедно со МАН да ја организираме хуманитарната акција за помош на настраданите по катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија – нагласија од МАН.
Посебни признанија од МАН се доделени и за:
– Антонио Димитриевски – за долгогодишен придонес, и афирмација на македонската култура и забава во новинарството
– Јована Стојменовиќ – за долгогодишен придонес, и афирмација на македонската култура и забава во новинарството
– Марина Ристевска – за најдобар снимател/камерман во Македонија, како првото женско-снимател во независна Македонија, која го отвори патот за други колешки кои сега се сниматели или камермани. Таа несебично работеше во многу кризни ситуации, како што беше состојбата во 1999 година и војната 2001 година,
– Матеја Петровски – награда за најдобар репортер во Македонија, кој поставува вистински прашања, на вистински теми за да им ја пренесе вистината на гледачите и читателите.