Моите сегашни приоритети не се компатибилни со каков било политички ангажман – рече Кедев во настапот на ТВ Сител. Неговото име се споменуваше како можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори што треба да се одржат следната година

Не, тоа е завршена работа, неколку пати досега сум кажал – одговара познатиот кардиолог, алпинист и поранешен пратеник Сашко Кедев во гостувањето во дневникот на ТВ Сител, на прашањето дали во иднина размислува за нов политички предизвик и ангажман. Името на Кедев се споменуваше како можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори што треба да се одржат следната година.

„Тоа беше една фаза во животот и за мене едно позитивно лично искуство бидејќи тогаш успеав да го запознаам сопствениот народ, сите граѓани на Република Македонија, од која било етичка припадност и тоа е нешто коешто засекогаш ќе остане врежано длабоко во мене бидејќи се соочив со сопствениот народ и уште повеќе го засакав сопствениот народ“, изјави Кедев.

Вели дека неговите сегашни приоритети не се компатибилни со каков било политички ангажман.

Прашан како гледа на актуелните случувања во земјава и дали таа се движи во добар правец, Кедев посочи оти во изминатите 32 години од нејзината самостојност, државата не е изградена на здрави темели, а тоа, како што рече, е факт и реалност која горе-долу е прифатена од сите структури во државата.

„Лично сметам дека не е сè изгубено и дека треба акцентот да се стави на коренот на државата, бидејќи ако премногу се фокусираме на цветот и ако тоа го правиме на штета на коренот, тогаш македонското дрво ќе падне. Македонското дрво не е уште паднато и треба сите заеднички да го зајакнеме коренот, бидејќи македонското дрво е еден сериозен предизвик, а ако нема јак корен, многу тешко ќе опстане“, додава тој.