Јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши и украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнаа и разговараа за безбедносните гаранции и соработката во обновата на украинската економија, соопшти јапонското МНР.
Дискусиите за безбедносните гаранции доаѓаат откако групата земји Г7, чиј член е Јапонија, во јули соопшти дека нејзините членки ќе започнат билатерални преговори за безбедносни гаранции со Украина.
Хајаши вети и поддршка од јавниот и приватниот јапонски сектор во обновата на украинската економија. Тој пристигна во ненадејна посета на Украина, придружуван од директори од јапонски компании, меѓу кои и Хироши Микитани, основач и извршен директор на Групацијата Ракутен, соопшти Министерството.
На почетокот на следната година, Јапонија планира да организира состанок на кој ќе се разговара за обновата на Украина. Во разговорите со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, се очекува Хајаши да ја повтори силната поддршка на Јапонија за Украина и итноста за ставање крај на руската инвазија со помош на меѓународната заедница, соопшти Министерството.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида дојде во ненадејна посета на Киев за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во март.