Десет лица загинаа и уште четворица се исчезнати. Над 2.000 луѓе се спасени. Засега ова е билансот од невремето „Даниел“, кое ја зафати Грција и покрај жртви, предизвика штета која се мери во милијарди евра.

Стотици луѓе во Грција се заробени во поплавените села во регионот на Тесалија и покрај стабилизирањето на времето, а протокот на вода продолжува да расте во делови од централна Грција, додека пожарникарите и воените хеликоптери ги извлекуваат луѓето од поплавените села, јавува грчката телевизија ЕРТ.

Сообраќајот на автопатот Атина-Солун е во прекин поради зголемено количество вода.

Во текот на ноќта нивото на Пиниос, најголемата река во Тесалија, надмина 10 метри, а поплавени се и станбени области околу Лариса, главниот град на регионот.

Закопан во кал и урнатини е градот Волос. Водоводната мрежа е целосно уништена.

Во јужниот дел на полуостровот Пелион 11 населени места се отсечени од остатокот од светот, додека четврти ден по ред нема вода и струја.

Почетокот на учебната година во Тесалија е одложен за една недела.

„Приоритет е да се спасат оние луѓе кои се загрозени и веднаш потоа да се санираат штетите“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој го посети погоденото подрачје на Тесалија.

Тој изрази уверување дека се достапни потребните средства за исплата на обештетувањето и за санирање на целата инфраструктура, како и дека ќе биде потребна поддршка и од европските фондови.

Бурата Даниел, за која метеоролозите велат дека била најсилната што ја погодила земјата од почетокот на евиденцијата во 1930 година, остави трага на уништување низ Тесалија во централна Грција.

Куќи беа однесени од порои, се урнаа мостови, патиштата станаа непроодни, далноводите беа срушени, а посевите во една од главните грчка житници беа уништени.

Метеоролозите направија споредба дека во еден регион имало повеќе дожд за 24 часа отколку во Лондон во просек за една година.

Гувернерот на Тесалија, Костас Агорастос, претходно за ЕРТ соопшти дека проценките се дека невремето предизвикало три пати поголема штета отколку во големите поплави во 2020 година, кога изнесуваше околу 700 милиони евра, пренесе Ројтерс.