Коалиционите партнери Али Ахмети, лидер на ДУИ, разговарал со премиерот Димитар Ковачевски за законско решение кое ќе ги вклучи сите категории кои настрадаа во вооружениот конфликт во 2001 година.
Ова во интервју за ТВ Алсат го тврди екс заменикот-претседател на Собранието на Македонија од редовите на ДУИ, Рафиз Алити, а Ковачевски ваквите тврдења ги отфрли како невистинити.
– Не се само борците на УЧК. Има и неколку други категории, како што е случајот со Куманово, случајот со Порој, или во Тетово, кое беше бомбардирано, или во Љуботен, случајот со цивилите, кои настрадаа. Ги имаме и семејствата на исчезнатите, било од македонска или од албанска страна. Со сеопфатен закон да овозможиме да бидат третирани од државните институции, за да имаат некаква бенефиција, изјави поранешниот командант на УЧК, Рафиз Алити.
Алити тврди дека „пред неколку месеци претседателот на ДУИ го отвори ова прашање со премиерот Ковачевски и со поранешниот генерал Ангелов дека е спремен да се донесе закон кој би се однесувал на категориите кои настрадаа во 2001 година затоа што не се само борците на ОНА“.
-Донесувањето на закон во таа насока би било полезно за сите граѓани независно кој на чија страна бил или кого поддржувал во 2001 година, рече Алити за ТВ Алсат.
За ова, како што пренесе порталот МКД, пишува и весникот на албански јазик Лајм во текст со наслов „Ахмети разговарал со Ковачевски за Законот за УЧК“:
– Но, Алити не кажа каков бил исходот од овие разговори меѓу двајцата партнери од владината коалиција и дали Ковачевски покажал подготвеност за идејата на Ахмети. ДУИ и нејзиниот шеф Али Ахмети од крајот на војната повеќепати ветуваа правно решение за статусот на УЧК, но ова прашање остана нерешено и 22 години по конфликтот, пишува Лајм.
Законот за амнестија е доставен до Собранието и ќе се носи по скратена постапка. Премиерот Ковачевски е дециден дека Законот не е правен за личности, туку за дела од помал обем со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети, а од опозицијата остануваат на ставот дека со Законот се опфатени „озлогласени криминалци“.
Како што информираа вчера од Кабинетот на претседателот на Парламентот, Законот веќе е доставен до пратениците и е предложен да се носи по скратена постапка.
Ковачевски изјави дека Предлог-законот за амнестија е направен за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции.
-Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. Диверзитетот на различни мислења кои постојат за законот се добри и можат да се земат различни аспекти во однос на ефектите на законот, потенцираше вчера премиерот.
Според Ковачевски, за законот има различни мислења од кои дел се водат од хумани, а дел од рационални причини.
-Ист ваков закон се донесе во 2018 година и тогаш сите го поддржаа. Сега предложениот закон е дури и порестриктивен. Бројот на места во затворите е околу 2.113 колку што во моментов има лица во затвори. На издржување на казна чекаат уште 2.200 лица што значи дека во моментов се потребни 4.000 места за да се сместат сите кои чекаат за издржување на казна, додаде премиерот.
Транспарентност при носење на овој Закон очекува претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев. Тој вчера порача и оти очекува да се добијат одговори од кои причини се носи овој Закон, но и кои се ефектите.
-Очекувам да бидеме вклучени во некој дел од целата таа процедура со свое мислење како Судски совет, како судска фела. Колку што знам јас дека е во процедура, како ќе помине тоа останува на законодавниот дом, рече вчера Георгиев.
Во меѓувреме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е на ставот дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски треба да ја напушти Владата доколку не се согласува со Законот за амнестија.
-Спасовски има две опции. Едната опција е ако не се согласува да ја напушти владата. Втората опција која ја има Спасовски е да молчи и да прифати дека тие коишто се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанци или познати како нарко дилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму. И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија, изјави вчера Мицкоски.
Инаку, со новиот Предлог закон за амнестија, од вкупно 2 114 затвореници низ државата, целосно се ослободуваат 286 лица, а делумно ослободување од ефектот на 30 проценти добиваат 996 затвореници.
Оваа бројка се однесува на лицата кои што се веќе сместени во затворите низ државава, додека, за оние 2 813 кои чекаат да влезат во затвор ќе има дополнителен список од Управата за извршување санкции.