Израелскиот претедател Исак Херцог на социјалните мрежи напиша дека Израел се соочува со многу тешка ситуација, но и дека израелскиот народ ќе ги победи сите оние кои посакуваат зло на државата. Тој порача и дека војниците од израелските одбранбени единици ќе направат се за да го задржат мирот во земјата и да ги заштитат цивилите од нападите на Хамас.
Израелските одбранбени сили ја започнаа операцијата „Железни ножеви“ против Хамас, а според информациите кои пристигнуваат од тамошнтие медиуми, над сто лица се хоспитализирани во болниците ширум земјата. Од нив, значителен број се со тешки повреди од прострелни рани или од шрапнели.
Израелскиот министер за одбрана Галант рече дека Израел ќе ја добие оваа војна против Хамас, и дека изненадувачкиот напад од рано утринава е сериозна грешка на терористичката група.
„Хамас направи огромна грешка кога тргна против израелската држава. Нашите војници се борат против непријателите на секоја локација. Ги повикувам сите израелски граѓани да ги почитуваат безбедносните протоколи, а Израел ќе победи“, рече Галант.
Високиот воен командант на Хамас, Мохамед Деиф го најави почетокот на нападот на медиумите кои се поврзани со оваа организација, повикувајќи ги сите Палестинци да земат оружје и да се борат, пренесува Ројтерс. Тој изјавил и дека ова ќе биде денот на најголемата борба и последен ден од окупацијата на Палестина.
Како резултат на нападите загина една жена, а повредени се 16 лица од кои две лица се во критична состојба. Во градот Тел Авив, според израелските медиуми, директно била погодена станбена зграда, а во градот биле запалени и десетици возила. Вооружените напаѓачи отвориле оган и во градот Сдерот на југот на Израел, каде во моментот се водат улични битки помеѓу израелските војници и припадници на ХАМАС.