ЕРДОГАН: Користењето на сите видови срамни методи не е војна, туку масакр

/ 11.10.2023

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави дека „непропорционалните и неосновани напади врз Газа можат да доведат до нарушување на меѓународниот углед на Израел, јави агенцијата Анадолија.

– Непропорционалните и неосновани напади врз Газа можат Израел да го втурнат во неочекувана и несакана позиција во очите на светската јавност, порача денеска Ердоган зборувајќи на состанокот на Клубот на претставници во турскиот парламент од редовите на Партијата за правда и развој (АК партија).

– Бомбардирањето цивилни населби, намерното убивање цивили, блокирањето возила за транспорт на хуманитарна помош во регионот и обидот сето тоа да се претстави како вештина, може да биде само рефлекс на (терористичка) организација, а не на држава“, порача Ердоган и додаде:

„Израел не би требало да заборави дека, доколку се однесува како организација, а не како држава, на крајот ќе биде третиран како организација.“

За израелско-палестинскиот судир што избувна кон крајот на минатата недела, Ердоган рече дека „Турција не ја смета за оправдана ниту една акција насочена против цивили или каков било напад насочен кон цивилните населби.“

„Судирот кој се води со сите видови срамни методи не е војна, туку масакр“, подвлече Ердоган.

Тој додаде дека сите би требало да се држат настрана од импулсивните одлуки кои имаат за цел во целост да се казни палестинскиот народ, како што е прекин на хуманитарната помош.

„Турција е против убивањето цивили на израелската територија“, рече Еродган, додавајќи дека „Анкара никогаш не прифаќа ’неселективен масакр‘ на недолжните во Газа“.


Од истата категорија