Израел нема да ја запре помошта од Египет за Појасот Газа, но нема да биде дозволено снабдување да стигне до палестинската група Хамас, соопшти владата, по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден, кој повика на олеснување на хуманитарната криза во енклавата.
Египет, единствената земја освен Израел што ја дели границата со Појасот Газа, складира помош на својата страна од границата, но камионите не можат да преминат поради тешките израелски воздушни напади во војната со Хамас. Откако Хамас започна крвав напад на израелска територија на 7 октомври, Израел соопшти дека воведува целосна блокада на Појасот Газа, каде живеат до 2,3 милиони луѓе, оставајќи ги без струја, храна и гориво.
ОН предупредија на „хуманитарна катастрофа“. „Израел нема да ја спречи хуманитарната помош од Египет сè додека таа е само храна, вода и лекови за цивилното население лоцирано во јужниот дел на Појасот Газа или (оние) кои се евакуирани таму, и се додека овие залихи не стигнуваат до Хамас“, соопшти бканцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во соопштението се наведува дека Израел ја донел оваа одлука по барањето на Бајден, но се додава дека ќе продолжи да ја блокира хуманитарната помош од Израел за Газа „додека не бидат вратени нивните заложници“. „Секое снабдување што ќе стигне до Хамас ќе биде спречено“, се вели во соопштението.
Израел го предупреди населението на Газа да се движи од север кон југ заради нивна безбедност за време на конфликтот. Камиони со помош се приближија до преминот Рафа меѓу Египет и Газа од египетскиот град Ал Ариш во вторникот. Но, тие не можеа да влезат во Газа бидејќи нема договор за испорака на помош.
Пред посетата на Бајден на Израел, американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше со израелски официјални претставници и рече дека се согласува со Израел да развие план за добивање помош за Газа, но рече дека временската рамка е нејасна.
Египет соопшти дека преминот Рафах, витална артерија пред борбите и сега важен пат за очајно потребните резерви, не бил официјално затворен, туку бил оневозможен од израелските воздушни напади на страната на Газа.