Неодамна објавената книга „Необјавени страници за македонскиот литературен јазик“ во која се поместени необјавени текстови од оставината на проф. К. Кепески (1909-1988), авторот на првата Македонска граматика, истакнат јазичен деец, има особено значење за македонската наука за јазикот, но и за пошироката јавност која ќе може да стекне појасна слика за еден мошне  значаен изминат историски период од развојот на македонскиот јазик.

Книгата „Необјавени страници за македонскиот литературен јазик“ посветена е на придонесот на проф. Круме Кепески за развојот на македонскиот литературен јазик и за македонската филологија, но и како сведоштво за општествената и културната состојба во Македонија.

Од приложените текстови може да се добие јасна слика за развојот на македонскиот јазик и околностите во кои се развива; за зачетоците на мислата за посебност на македонскиот јазик, за условите во кои се кодифицира македонскиот јазик, искушенијата низ кои проаѓал авторот на првата Македонска граматика, проф. Круме Кепески, и уште редица други теми, во форма на мемоарска граѓа, разработени во оваа оставина. Особено во едно ентузијастично постАСНОМско време, 1944 и 1945 година, кога македонската држава се конституирала, не само политички туку и економски, создавајќи и систем во  просветата и во културата.

Текстовите се посветени на јазичните дискусии во различни периоди на развојот на македонскиот литературен јазик, како и за политиката во пристапот за македонскиот литературен јазик, за културата на јазикот и методиката на македонскиот литературен јазик; како и текстови за културниот живот во минатото во Македонија. Приклучени се и сите негови обраќања при одбележувањата на 20, 25, 30 и 40 годишнините од објавувањето на првата Македонска граматика. На крајот приопштени се текстови поврзани со дејноста на учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоевград) и неговото учество; собраните материјали во 1944 год. за границите и населението на Македонија во пресрет на мировната конференција по Втората светска војна и неговите белешки, создадени во истото време, за македонските дијалекти во споредба со бугарските;

Проф. Круме Кепески ќе рече: „Со здобивањето на нашата национална слобода…со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик, се создадоа благопријатни услови за развиток како на нашата просвета, така и на нашата култура. Тогаш кога во сите наши села и градови се отворија голем број школи и други културни институции, историска беше нужноста од создавање на граматика за македонскиот литературен јазик. Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзвав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: „Македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците“, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: „људи учени кои го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика“, и се зафатив со тешка задача – со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик“.

„Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите“.