На денешен ден, 21 октомври 1943 година во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната територија на Дебарца.

Триесетте народни свештеници, изразувајќи ги стремежите и определбите на православното свештенство и на верниците од цела Македонија, донесле мошне значајни одлуки.

Свештениците и македонските христијани биле повикани да се вклучат во Народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска. Според одлуките на собирот, откажана била секаква јурисдикција на туѓите цркви врз Црквата на Македонија, а во црковната администрација бил воведен македонскиот јазик.

Притоа свештениците се ставиле на располагање на народната власт. Потоа била формирана првата организирана црковна власт, со архиерејско намесништво, а за прв намесник бил поставен заслужниот деец и учесник во НОВ, прота-ставрофор Антим Поповски.

По повод одржувањето на Првиот свештенички собир, во Издеглавје, на 20 октомври 1983 година била откриена спомен-плоча, на куќата каде се одржал собирот.

(Подготви: Д.Г.)