Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до крајот на месецов ќе донесе одлука за цената на парното греење во Скопје што ќе важи од следниот месец, потврди за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Одржавме состанок со трите државни компании на ЕСМ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија кои реферираа како се одвива стартот на грејната сезона и кои се предизвиците со кои се соочуваат во овие изминати 10 дена. Иако е факт дека температурите се потопли од очекуваните, сепак во секоја грејна сезона постојат слаби точки кои се од техничка природа, а дел од нив се и поради човечки фактор, односно не се платени сметките за потрошена струја од страна на советите на зградите. Но, тоа се традиционални проблеми кои се случуваат и кои треба од година во година да се намалуваат преку зголемување на  свесноста  и кај операторот и кај потрошувачите, изјави Бислимоски за МИА.

Нагласи дека претходно БЕГ, а сега и ЕСМ дистрибуција на топлина се соочи со специфична ситуација да не им биде дозволено на екипите да користат дел од инфраструктурата со која со топлинска енергија се снабдуваат одредени корисници на Водно.

 

-За тоа има соодветни правни постапки. Сепак, во моментов проблемот е решен и снабдувањето се одвива непречено, рече Бислимоски.

Како што нагласи, на терен веќе се започнати активности за поставување на топловодот под мостот „Беласица“ во Скопје што беше опожарен, со што, како што кажа, се исполнуваат предусловите кои РКЕ ги бара четири месеци – да се почне на терен со реална санација на цевките од ЕСМ со дозвола од Градот Скопје.

-Со тоа РКЕ сега ќе отпочне со пресметките за нова цена на парното што ќе стартува да важи од ноември. Финалната одлука ќе биде донесена кон крајот на месецов, потенцира Бислимоски.