Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков денеска изјави дека делегацијата на Хамас се сретнала со претставници на руското Министерство за надворешни работи, но не и со претседателот Владимир Путин.
-Оценуваме дека е нужно да ги продолжиме контактите со сите страни во конфликтот, и се разбира, ќе го продолжиме дијалогот со Израел, посочи Песков.
Руското МНР соопшти дека меѓу главните теми на разговорите биле прекинот на непријателствата во Појасот Газа и обезбедувањето хуманитарна помош за Палестинците. Додека рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов на одвоена средба со членот на политбирото на Хамас, Муса Абу Марзук разговарал за ослободување на заложниците во Газа и за евакуација на странци од Појасот Газа.
Русија одржува врски со сите клучни играчи на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Израел, Иран, Сирија, Хамас и Палестинската управа на Западен Брег.
Во посета на Москва вчера беше и иранскиот заменик-министер за надворешни работи Али Багери Кани.
Руската новинска агенција ТАСС објави дека Кани се сретнал со Марзук при што било потенцирано дека Техеран се залага за „итен прекин на огнот, обезбедување на хуманитарна помош и укинување на репресивната блокада на Газа“.
Но, не е познато дали претставниците на Русија, на Иран и на Хамас имале заедничка средба.