Вкупната вредност на имотите на 100-те најбогати Словенци изнесува 5,7 милијарди евра и поголема е за 10 отсто во споредба со минатата година. Тоа се наведува во проценки на ревијата Менаџер која пред крајот на секоја година објавува по колку се „тешки“ домашните богаташи.

Петти пат на врвот на листата се сопружниците Иза и Само Логин, чиј имот стекнат во хај-теч индустријата е 689 милиони евра. Како основачи и мнозински сопственици на фирма за развој на мобилни апликации Outfit7, лани добиле најголем дел од зделката од вкупно милијарда долари за колку фирмата беше продадена на азиски конзорциум.

Втор на листата е основачот и сопственик на Студио модерна, Санди Чешко со 334 милиони евра, познат по душеците Дормео и други продукти што се пласираат преку телепродажба.

Трет е Марко Пистотник, уште еден од поранешните сопственици на Outfit7, чиј имот е проценет на 210 милиони евра.

Во вкупнтана вредност на имотите на стоте најбогати Словенци една четвртина се средства што ги добиле откако продале фирми во кои биле сопственици или ко-сопственици.