Военото крило на Хамас денеска соопшти дека е подготвено да ги ослободи заложниците киднапирани во нападите на израелска територија во замена за ослободување на сите палестински затвореници во израелските затвори.
– Цената што мора да се плати за големиот број непријателски заложници во наши раце е да ги испразнат затворите со сите палестински затвореници, рече портпаролот на Хамас Абу Обеида во видео изјава објавена на ТВ каналот Ал Акса на Хамас.
Се верува дека Хамас и другите палестински екстремистички организации држат околу 230 заложници киднапирани за време на нападите на 7 октомври во кои загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, Израелци и луѓе со двојно државјанство, вклучувајќи жени, деца и стари лица, јавија израелските медиуми.
Според претходни извештаи, во израелските затвори има околу 6.000 Палестинци.
Хамас досега ослободи две Американки, мајка и ќерка и две Израелки.