Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави претставниците од повеќе од 60 земји кои се состанаа вчера во Малта како знак на единство што може да доведе до крај на војната со Русија.
– Единството на сите оние во светот кои соработуваат со нас и со сите наши партнери за да се врати силата на меѓународното право и вистинската тежина на принципите и нормите на ОН секако ќе биде ефективно, напиша Зеленски на X.
На Малта вчера и денеска се одржуваат нови преговори за Украина, на кои не присуствува Русија. Ова е трета ваква сесија, на која учествуваат претставници на повеќе од 60 земји. Состанокот следи по слични средби одржани летово во Џеда и Копенхаген.
Се очекува Киев да го искористи собирот за да изгради поддршка за својот мировен план од 10 точки, како што тоа го направи на претходните рунди, пренесе ДПА.
– Меѓународната поддршка за украинската формула за мир расте, напиша вчера на Х шефот на претседателскиот кабинет на Украина, Андриј Јермак.
Бројот на земји кои учествуваа во првиот круг разговори во Данска беше само 15. Оваа година присуствуваат претставници од 66 земји, вклучувајќи советници за национална безбедност и врвни дипломати, рече Зеленски.
Тој им се заблагодари што ја поддржаа неговата „формула за мир“ која првпат ја претстави пред една година, за ставање крај на руската инвазија. Тоа беше „силен знак на меѓународно единство“, рече тој во видео порака емитувана синоќа во Киев.
Планот на Зеленски не го вклучува само суштинското барање за повлекување на руските трупи од Украина, туку и ослободување на сите воени заробеници, трибунал против воените злосторници и безбедносни гаранции за земјата.
Украина е исто така загрижена поради можноста да се намали поддршката од западните земји. Во САД, главните поддржувачи на Украина, неколку врвни републикански политичари изразија скептицизам за понатамошната помош.
Јермак во интервју за конзервативната американска телевизија Фокс њуз пред состанокот рече дека Киев продолжува цврсто да смета на помошта од Вашингтон.
Разговорите во Валета се одржаа зад затворени врати.
Портпаролот на украинската влада рече дека дискусиите се фокусирани на пет клучни области: енергија, храна и нуклеарна безбедност, хуманитарни прашања и обновување на границите на Украина.
Украина се надева дека разговорите на Малта ќе завршат со заедничка изјава, што не беше случај по разговорите во Копенхаген и Џеда.
Јермак претходно оваа недела рече дека долгата листата на учесници за разговорите на Малта е „моќен сигнал дека единството околу Украина е зачувано“.
Од друга страна, портпаролот на Министерството за надворешни работи на земјата ги осуди разговорите како „еклатантно антируски“ и рече дека таквите разговори се „контрапродуктивни“.
Мировниот план на Зеленски бара Русија да ги повлече своите трупи од границите на Украина, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, и четирите украински региони што Русија ги зазеде по нејзината инвазија во 2022 година.
Русија ги отфрли разговорите за какво било решение што вклучува откажување од окупирана територија.