Повредени и приведени има на протестот на фудбалските фанови во Бугарија против управата на Бугарскиот фудбалски сојуз, што се одржа пред националниот стадион „Васил Левски“ пред и за време на натпреварот помеѓу Бугарија и Унгарија од ЕП 2024, објави БГНЕС.

Тензијата пред националниот стадион „Васил Левски“ опасно ескалира откако насобраните на протест против раководството на БФС почнаа да фрлаат кон полицајците со факели и разни предмети. Полицијата употреби воден топ.

Органите на редот користеа и солзавец за да ја задржат ситуацијата под контрола. За возврат, навивачите почнаа да фрлаат шипки кон полицијата. Ситуацијата не можеше да се стави под контрола повеќе од 15 минути. Во центарот на Софија гореше на неколку места, беше запален и автобус.

Има приведени и повредени.

По повеќе од еден час „борбени“ сцени, ситуацијата се смири околу 19:30 часот. Има многу ранети полицајци, има и апсења за вандализмот во центарот на Софија, објавија бугарските медиуми.

„Невидени акти на вандализам и агресија“, вели началникот на полицијата, Стефан Иванов.