ГУТЕРЕШ: Газа е среде епска хуманитарна катастрофа

/ 29.11.2023

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека Појасот Газа е среде „епска хуманитарна катастрофа“, повикувајќи го светот да не гледа настрана.

„Во тек се интензивни преговори за продолжување на примирјето – што ние силно го поздравуваме – но веруваме дека ни е потребен вистински хуманитарен прекин на огнот“, рече тој на состанокот на Советот за безбедност на ОН со кој претседаваше кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји додека Кина претседава со 15-те членки на Советот на ОН.

Денеска во последен момент продолжија преговорите меѓу Израел и палестинските милитанти од Хамас за продолжување на примирјето во Газа. Гутереш го информираше Советот за спроведувањето на резолуцијата донесена претходно овој месец со која се повикува на хуманитарна пауза во борбите за да се овозможи пристап до помош и ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас.

Обединетите нации ја зголемија испораката на хуманитарна помош за Газа – крајбрежна енклава од 2,3 милиони луѓе – за време на прекинот на огнот, но Гутереш рече дека нивото на помош „останува целосно недоволно за да се задоволат огромните потреби“.

„Народот во Газа е среде епска хуманитарна катастрофа пред очите на светот и не смееме да гледаме настрана“, рече тој. Неколку арапски министри за надворешни работи, исто така, отпатуваа во Њујорк и треба да се обратат пред Советот подоцна. Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан ги обвини арапските министри за поддршка на „терористичка организација чија цел е да го уништи Израел“.

„Секој кој поддржува прекин на огнот во основа го поддржува континуираното владеење на теророт на Хамас во Газа. Хамас е геноцидна терористичка организација – тие не го кријат тоа – тие не се доверлив партнер за мирот“, рече Ердан пред Советот за безбедност.

Израел вели дека милитантите на Хамас убиле 1.200 луѓе и зеле околу 240 заложници во ненадејниот напад на 7 октомври. Израел ја насочи својата одмазда против Хамас во Газа, бомбардирајќи го од воздух, наметнувајќи опсада и отпочнувајќи копнена офанзива.

„Примирјето мора да стане прекин на огнот, траен прекин на огнот. Не може да се дозволи масакрот да продолжи“, изјави палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики пред Советот за безбедност. „Нашиот народ се соочува со егзистенцијална закана. Не правете грешка. И покрај сите разговори за уништување на Израел, на Палестина и се заканува план за негово уништување, кој се спроведува среде бел ден“, рече тој.


Од истата категорија