Како што сме запознаени од внатрешни извори на информативниот сервис МРТ, на состаноците на колегиумот на редакцијата на вториот канал, поточно на програмата на албански јазик, постојано учествува едно лице кое е вработено во едно министерство, кое го претставиле како советник на директорот Марјан Цветковски, дури и како заменик директор, пишува партијата Алтернатива во соопштение.
„Според информациите со кои располагаме ние, апострофираното лице е вработено во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Поради ова јавно го прашуваме министерот Артан Груби, кое е ова лице и што бара на состаноците на МРТ?
Покрај него, и главната уредничка на вториот канал, Мерита Гаши, треба да одговори кој е овој емисар на Артан Груби таму и со каква улога се меша во МРТ. Овде сакаме да ја потсетиме јавноста дека учеството на луѓето од политиката на состаноците на јавниот сервис е скандалозно и забрането со закон.
После оваа констатација, не можеме а да не заклучиме дека првиот вицепремиер на казината и игрите на среќа, според примерот на Гебелс, се претвора и во министер за пропаганда, со намера да ја контролира и информативната политика на јавниот сервис, за кој плаќаат сите граѓани и кој треба да служи за правично и непристрасно јавно информирање.
Ова е и една од причините зошто Македонија доби толку негативни оценки во последниот извештај на Европската комисија, што за нас е доказ повеќе дека оваа Влада не се грижи за европеизацијата на земјата, туку само за власт и придобивките од неа, се вели во соопштението на Алтернатива за Албанците.