Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им порача на Украинците дека Киев ќе ја победи Русија и ќе постигне праведен мир „и покрај сè“, додека продолжувањето на клучната американска воена и финансиска помош е неизвесно. Зеленски ја пренесе својата порака со необично утринско видео на кое се гледа како шета низ Киев кон споменикот на паднатите украински борци, на денот кога земјата го одбележува споменот на своите вооружени сили.

„Беше тешко, но издржавме“, рече Зеленски, кој се снима со својот мобилен телефон додека оди од својата канцеларија до споменикот во центарот на главниот град. „Сега не е лесно, но се движиме. Без разлика колку е тешко, ќе стигнеме таму. До нашите граници, до нашиот народ. До нашиот мир. Праведен мир. И покрај се“.

Неговите зборови веројатно се однесуваат на неизвесноста околу иднината на пакетот помош од 60 милијарди долари за кој со недели неуспешно се дебатира во американскиот Конгрес. Жителите на улиците на Киев изјавија дека се загрижени и дека веќе ги почувствувале последиците од доцнењето на западната воена помош.

„Се плашам дека ако Украина остане без помош, војната ќе се одолговлекува и ќе биде тешко да се каже кога може да заврши“, изјави Олха Старостенко, 33-годишна економистка, за Ројтерс. „Мојот пријател неодамна беше убиен во борбите. Потребна ни е помош што е можно поскоро, секој ден доцнење значи загуба на човечки животи“, рече 51-годишниот Тимур Душко.

„Она што се случува се игри на моќ… Но, уверен сум дека ќе добиеме помош“, додаде тој. Киев е во голема мера зависен од помошта на неговите западни сојузници за борба против многу поголемата руска армија во најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна, кој сега е во својот 22-ри месец.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андрија Јермак вчера изјави дека доцнењето на помошта од САД создава „голем ризик“ Украина да ја загуби војната, што е една од најпесимистичките оценки на висок украински функционер досега.

Москва контролира околу 17,5 отсто од украинската територија, а украинските сили сега се соочуваат со нова руска офанзива на источниот фронт, со особено жестоки борби околу градовите Авдиивка и Маринка.