Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Интервју на Шења“, на телевизија Шења рече дека зад порталот на кој осомничениот за двојното свирепо убиство Љупчо Палевски настапувал и сеел омраза стои власта која го заштитува и охрабрува на таквото однесување.
Плукајќи ме, навредувајќи ме, па дента посвети емисија на мене, каде што поканија гостин кој што повикуваше на бесилка, да ме бесат. И во ред. Јас ќе го истрпам тоа, вели Мицкоски.
На прашањето дали ги пријавил овие навреди и говор на омраза, Мицкоски рече:
Кога и каде да пријавам. Па зарем некој има дилема дали функционираат институциите.
Мицкоски изјави дека кога се нафатил на оваа работа да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ бил свесен дека ќе биде мета на напад, но не дека ќе бидат мета на напад и неговото семејство и неговите деца.
Јас кога се нафатив на оваа работа, бев свесен дека можеби нема да имам мирна пензија. Но, што има врска моето семејство и моите деца, праша Мицкоски.
Тој истакна дека поради неказнивост на институциите, денеска се случуваат вакви ликови како Палчо кој се смета за семоќен.
Затоа денеска ни се случуваат вакви ликови како овој што го споменавме кој што мисли дека е семоќен, кој мисли дека нему тоа право му припаѓа. И потоа за жал деца ги губат своите животи, нагласи тој.
Тој полусвет, таа болумента сакаше да предизвика меѓуетнички тензии, затоа алудираа, кажуваа дезинформации како оние дека е на Косово однесено и слично. Таа болумента е контролирана од власта. Врз основа на информациите кои ние ги имаме и врз основа на она што го следиме што се случува кај овој полусвет кој е присутен на медиумите доаѓаме до тој заклучок, затоа што во јавноста беа лиферувани овие информации. Која е причината, праша Мицкоски.
Според него, овие тензии не одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кому му одговара денеска дестабилизација на Македонија, кому му одговара кризна состојба, кому му одговараат меѓуетнички тензии? Зошто ова би му одговарало на ВМРО -ДПМНЕ кога има неколку месеци пред избори, чиста ситуација, огромно мнозинство на следните избори, победа која е сигурна, чуму сето ова на ВМРО ДПМНЕ и на нормалниот питом македонски граѓанин без разлика на која етничка припадност е“, кажа Мицкоски.
Мицкоски се осврна и тоа дека портали блиски до власта, посебно еден портал близок до функционер од власта шири само дезинформации.
„Портал близок до функционер на власта на ден Прочка објавува текст дека семејната куќа на мојата сестра, зетот, внуката е мој скриен имот кој вреди милион евра. Врска нема таа работа. Нормално ли е тоа да се пишува. Јас покренувам судски процес кој го добивам и судот вели дека е клевета, односно дека порталот клевети и тие од порталот велат дека слободата на изразување е доведена под прашање. Тоа ли е слобода на изразување плукајте по Христијан Мицкоски. Тие ќе одговараат“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека во овие четири месеци пред изборите се очекува се и додаде „немојте да се изненадите ако предизвикаат тензија, криза без разлика дали е безбедносна или етничка“.