Страшо АНГЕЛОВСКИ

Можеби за прв пат се случува, во светот, во една година, да се одржат избори на речиси сите најважни точки на светската политика. Имено, во годинава што доаѓа, околу 4 милијарди луѓе, што е некаде околу половина од севкупното население на планетава, треба да излезат на избори и да ја решаваат иднината на сопствената држава или заедница, но, можеби и иднината и судбината на светот во целина.

Најпрво, во средината на март, на тродневни избори, заради големината на државата распослана во 11 временски зони, на избори ќе излезат граѓаните во Руската Федерација. И, можеби токму тие избори, резултатите од нив и, идната меѓународна политика на една од светските сили, се најпредвидливи. Заради популарноста која ја ужива меѓу сопствените граѓани, од околу 80 проценти и заради успешноста во водењето на државата, речиси со сигурност може да се прогнозира победата на досегашниот претседател Владимир Владимирович Путин; заради успешната економска политика која дава очигледни резултати, може со сигурност да се прогнозира натамошна економска политика потпрена на истите параметри и; заради долгорочно зацртаните цели во меѓународните односи, или односите на Руската Федерација со остатокот од светот, може со сигурност да се прогнозира идната руска надворешна политика.

Претходно, на крајот на февруари и почетокот на март, ќе се одржат избори во Иран и Белорусија, каде што, исто така, заради моќта на владеачките партии, изборите се речиси извесни и, може со сигурност да се прогнозира дека нема да дојде до промена на власта.

СТРАВОТ НА ЕУ БИРОКРАТИТЕ

Она што е можеби најинтересно за анализа, а станува се’ поизвесно и, заради што либералните елити, кои владеат спротивно на волјата на мнозинството од сопствените граѓани, се уплашени и воспаничени, се јунските избори за претставници во европскиот парламент. Стравот е се’ поприсутен заради секојдневното зголемување на рејтингот на десните, суверенистички, автентични државно-национални партии во речиси сите држави во Европската Унија. Стравот, посебно се зголемува после победата на автентичните, народни десни партии во Холандија, Италија, Финска и Шведска. Згора на се’, рејтингот на десните партии расте и во сите останати држави членки на ЕУ, а можеби најубедливо во Австрија и Португалија, но и Белгија, Германија…

Заради тој страв, ќе чуете како уплашените либерални елити, екстремно леви и милитантни, целосно отуѓени од своите народи, кои ги поддржуваат и финансираат војните во Украина и Палестина, кои создаваат точки на страдање по сите основи на картата на светот, за автентично народните партии, оние кои се залагаат за мир и соработка, ќе говорат како за екстремни, популистички, опасни за натамошната европска политика. Свесни дека, всушност, се опасни само за нивното натамошно останување на власт спротивно на волјата на мнозинството. Од тука, повеќе од предвидливо е дека десните политички сили на изборите за европскиот парламент ќе имаат историски успех и дека, можеби, либералните елити, успешно распоредени во наводно левата, социјалистичка и, наводно десната, народна, а, всушност, европски центристички надпартии, ќе можат да ја сочуваат власта дури и со повторна измама на своите гласачи, односно повторно создавање нивна взаемна широка коалиција (измислена категорија заради измама на сопствените гласачи), како пред четири години, само заради заобиколување на волјата на гласачите.

Притоа, во ниту еден момент не сакаат да го признаат поразот на сопствената неуспешна политика во – дипломатијата, каде што токму ЕУ е безначајна; во економијата, уништувачка за сопствените земји членки; во односот кон миграцијата, кој се заканува да ја запали Европа; туку за сите свои видливи неуспеси, вината, постојано ја бараат кај некој друг (Имаат нашите северни соседи интересна поговорка за ова – “Рѓавом…“ која не е за објавување).

Во меѓувреме, покрај изборите во неколку земји членки на ЕУ, како што се Португалија, Белгија, Австрија, Литванија, Хрватска, избори ќе се одржат и во Индонезија, Тајван и Обединетото Кралство.

МОЖНА ЛИ Е ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА ИНДИЈА?

Посебно интересни може да бидат изборите во една од најбројните држави во светот, Индија. Не заради неизвесноста во резултатите, бидејќи партијата на премиерот Нарендра Моди има солидно водство на анкетите, туку заради индиската исклучителна улога во создавањето на светскиот мултиполарен поредок преку активното учество во БРИКС. Па, откако владата на Моди го укина специјалниот статус на државата Џаму и Кашмир, единствен индиски регион со мнозинско муслиманско население, а заради кој, по повлекувањето на британските колонисти, остана замрзнат конфликт и, заради кој, Индија и Пакистан веќе водеа три војни во 1947, 1965 и 1999 година, можно е либералните елити да подбуцнат незадоволство во оваа индиска држава и работите да тргнат во несакана насока. Зашто, по се’ поизвесниот пораз во Украина и, непопуларната израелска воена агресија врз Газа, на отуѓените либерални елити им требаат нови точки на конфликти заради запирање на незапирливото – мултиполарниот меѓународен поредок. А, постојат ли подобри места од оние во кои британските колонијалисти оставиле замрзнати конфликти – токму Палестина, Кашмир, но и Кипар и Косово, каде мора да се биде исклучително внимателен.

ДОНАЛД ТРАМП – ВТОР ПАТ!!!

И, некаде на крајот на годинава, претседателските избори во САД. Исклучително интересни заради трескавичните обиди на либералната елита, после изборната кражба пред четири години, сега и целосно да го оневозможи учеството на Доналд Трамп на изборите, чиј рејтинг расте од ден во ден и, чија победа е речиси извесна, најпрво на внатрепартиските избори на Републиканската партија, а потоа и на претседателските избори.

Сведоци сме на сите неосновани судски спорови што се водат против него, на судски одлуки со кои одредени сојузни држави ќе се обидат да му забранат учество на изборите на нивната територија, на се’ она што државната администрација на губитникот во најава, актуелниот претседател Бајден, е подготвена да го измисли.

Но, откако внатре во сопствената партија, Трамп се пројави за исклучителен фаворит, логично е Врховниот суд на САД, во кој републиканците имаат мнозинство од 5 члена, да ги укинува сите вакви тендециозни пресуди и да му овозможи учество на Трамп на изборите. И, бидејќи либералната елита, како, впрочем во целата своја евроатлантска заедница, има криза на лидерство, демократската партија, дали со Бајден или без него, немајќи сериозен кандидат, е осудена на пораз.

Потоа ќе следи, не драматична како што некои прогнозираат, туку одредена промена заради втор обид на Трамп за извлекување на САД од канџите на таканаречената длабока држава – зајакнување на американската економија, заострување на односот кон неконтролираната миграција на јужната граница на САД, запирање на војната во Украина и Палестина и враќање на суверенизмот на голема врата во државите од ЕУ.

Тука некаде се и изборите во Република Македонија, кои се повеќе од извесни, но за кои, секако, ќе следува посебен текст. Текстов што е пред нас е само краток осврт на она што не очекува во новата изборна 2024 година во светски рамки. Да си посакаме да биде успешна за човештвото, кое, заради сопствениот опстанок мора да ги порази отуѓените либерални елити.

(авторот е претседател на МААК)