КРАТОК РОМАН
СПЛИН
(Продолжение: Седмо поглавје)
7.
Преселба

Господе Боже, во каква самотија попаднав! Во опипливоста на таа празнина од којашто исчезнуваа сите подробности што ја сочинуваа општата рамнотежа на нештата, сега останаа само тие неколку бесмислени парчиња мебел, собрани тука пред мене како мртва природа, како студени траги на некаков голем далечен крш. Така прекриени, втонати во мртвилото на своите геометриски форми што се истакнуваа врз темната гама на ноќта, прилегаа на астероиди од мраз што долетале од некое непознато време и простор, не донесувајќи со себе никаков знак на минатото, никаков предзнак на иднината. Почувствував како наеднаш ме фаќа паника. Се обѕрнував околу себе, се загледував во себе си, само да пројадам барем делче од оној интимен, невин и топол свет во кој бездруго сум престојувал. Но насекаде налетував само на длабока и непроодна белина. Сѐ како да беше премачкано, стерилизирано со некаква обеспокојувачка излишност што им ја одземаше сета волшебност, сета орфичност на суптилните детали од животот врз кои се потпирав.

Не знам, можеби конечно веќе бев готов и да се помирам со таков бледникав крај…

Во темнината јасно се гледаа флуоресцентните рабови на мојата собна коцка. По аглите во сите насоки нечујно лазеше белузлава студена пареа. И натаму сѐ остануваше така загадочно, но знаев оти наоколу секако завладува некаков метафизички неред во кој, ете, и самиот учествувам. Вчудовидуваше апсолутот на таа тишина што своето студенило како да го скрутнуваше околу немуштите предмети, правејќи невозможни, грди калапи на ништожноста, некакви чудни отисоци што, чиниш, можеа да се умножуваат до бесконечност. Но таа бела слика беше однекаде украдена. Однадвор, надвор од времето заробено во неа, допираше некаков обид за довикување што не се слушаше: Гертаааа! Каааај!!! И големата неочекувана санка со последните дребулии што ми останаа во животот поаѓаше кон некаде, оставајќи ја зад нас
беспредметноста на едно време што требаше да се заборави. Седнат на врвот од тоа купче на интимни ништожности, бев свртен со грбот кон кочијашот што така цврсто ги држеше уздите. Не се обѕрнував ниту кон коњите. Нивните, секако како мраз бели прапорци ѕвонеа тишина што се мешаше со шумната тишина на сѐ покрупните снегулки што нѐ испраќаа засекогаш од пустината на оваа населба, од пустината на ова бело време зад кое, меѓу остро врежаните траги на санките, неочекувано затропкаа неколку топчиња топли коњски лепешки.
(Крај)