Јованка КЕПЕСКА

Максимата кај филозофот е дека ако нешто треба се случи ново тоа ќе се јави како мисла за можноста да се оствари во стварноста, мисла заснована врз стварноста.

Новото се јавува притоа само како стремење на самата стварност за пресврт и крајно потребно во овој момент за дејствијата за подобрување на нашето битисување во Македонија и како македонски народ.

Релевантните идеи би биле вистинските двигатели за да се надмине постоечкото.

Ослободеното мислење, развиено со филозофијата, во науките и преку образованието и во создадената општа јавна клима е крајно потребно за суштественото надминување на актуелната наша општествена состојба и за да се обезбеди развојот во напуштањето на гледањата од склеротичниот бирократски пристап, создаден според идеолошката матрица на групни и себични интереси, во еден надминат општествен систем, од една страна. Но истоветна потреба, од друга страна, бара да се надмине живуркањето според површниот и наметнат, надворешен, позитивистички, пристап. И ова се преокупациите што произлегуваат од нашата конкретна општествена состојба.

На глобален план притоа се одвива, и тоа како централна филозофска тема, за можноста од пресврт во развојот. Вистинското прашање на пресвртот во развојот за филозофијата е во разрешувањето на односот на објектот и субјектот. Фактички дека е потребно да се постигне истоветноста на објектот и субјектот додека во филозофијата се издвојуваат идеалистички и материјалистички правци.

Додека единството на објектот и субјектот се операционализира во единство на знаењето, убавото и физичкото дејствување.

Суштински, произлезена од филозофската тематика за надминување на поделбата на субјектот од објектот, темата за пресвртот во развојот појавно се одвива како филозофска дебата на темата што се однесува на времето. Или на темата за истоветноста на времето и просторот како најзначајната и централна тема во денешната филозофија.

Темата за времето, освен во филозофијата, е централна и во науките (да се потсетиме на сознанието за релативноста на времето кај Ајнштајн), и  актуелна и во литературата. Темата за времето и просторот е застапена во антрополошкиот приод кон народот и јазикот кај Крсте Мисирков.

Потребно е да се подвлече дека актуелниот општествен развој на глобален план во светот тече врз основата што ја создаваат хуманистичките науки. Хуманизмот е во самите хуманистички науки и во стварноста во кои се реализирани тие науки и тоа како реализација на филозофијата. Тоа е суштината на денешниот хуманизам. Според Мартин Хајдегер состојба која ќе опстојува и до 300 години. А пресвртот се однесува токму на ваквата состојба, односно на реализираната филозофија.

Во контекст на темата за истоветноста на времето и просторот и можноста за пресврт, прифаќањето на сфаќањето на грчкото античко гледање на времето, фигуративно претставено како затворен двор, градина околу куќата, во светот а, следствено, и кај нас, како на негативен факт, укажува хрватскиот, но, се чини, и за светски размери, значаен филозоф, Вања Сутлиќ. Во исто време кога кај Словените времето било сфатено преку синтагмата: „Времето врти, времето разградува“! Пресвртот се гледа во корените на јазикот според кои времето не тече, туку дека врти. Таквото сфаќање би го определило поинаку развојот воопшто.

И еден од најзначајните филозофи на 20 век, германскиот филозоф, Мартин Хајдегер, ќе ја подвлече надмоќта на јазикот за промените во развојот. За мислењето за пресвртот и за надминувањето на постоечкото, очекувајќи новото во општествениот развој ако се случи, со оглед на можностите на јазикот на еден словенски народ.

Укажувањата за значењето на мислењето упатуваат на обврската на филозофијата на јазикот да одговори на прашањата за автентичниот мисловен пат на македонскиот народ. Надминувајќи ги неминовно досегашните отстапувања од антрополошкиот приод кон народот и јазикот и претпоставувајќи го фактот дека самиот народ мисли (народот, самиот, е творец), дека постои и мислење за народот, а потребата е мислењето, од и за народот, да одат заедно.