Од март плус 400 евра на сметките на функционерите, доколку нема корекција на функционерските плати. Синдикатите со остри реакции. Иронично велат, дека ако им се малку парите на функционерите, тие ќе им помогнат.
„Срамно, дрско и безобразно за една држава која се задолжува со грдни пари, неколку милијарди е долгот и уште се задолжуваат, а они да си ги покачуваат платите за 400 евра. Ова некого скапо ќе го чини“, изјави Гоце Делчев Тодев од КСОМ.
Синдикатите потсетуваат и дека тие веќе предложиле решение за овој проблем. Линеарно зголемување на платите за сите кои се платени од државниот буџет, од администрација до избрани функционери, а не само за највисоките ешалони на власта.
Оттаму ја посочија и незавидната социјална состојба кај здравствените работници. Велат, новото покачување на функцинерските плати, за оние кои се грижат за здравјето на граѓаните, се цели месечни примања.
„На елитатата која си ја зголеми платата над 400 евра, само да им напоменам, дека медицинската сестра, која се грижи за нивното здравје, се грижи за здравјето на нивните деца, има месечни примања од 24.000 денари до 25.000 денари. Благајникот, сметководителот, административниот работник, кој што работи во клинички центар или во здравствен дом Скопје, зема и помала плата од оваа“, изјави Боби Бојчевски од синдикатот на здравствени работници.
Тој додава дека работниците во здравството едвај врзуваат крај со крај, поради што, бараат линеарно покачување примањата на сите во секторот.
Во меѓувреме, министерот за финансии, Фатмир Бесими, тврди дека тој и неговите колеги од владата годинава нема да земат повисоки плати.
„Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024. Тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има законски интервенции тоа да не се случи во 2024. Дополнително зголемување во однос на 2023 нема да има“, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Засега е нејасно како Бесими ќе ја спроведе оваа заложба, имајќи во предвид дека ќе треба да го прекрши законот и одлуката на уставниот суд. Синдикатите пак категорични. Велат, ако владата не преземе ништо околу неконтролираното покачување на функционертските плати и крајно ниските примања на работниците, повторно ќе излезат на протести и ќе го блокираат главниот град.