Владино возило во кое било превезувана министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, учествувало во сообраќајна несреќа на патот Штип – Радовиш, а во несреќата повреден е нејзиниот возач.
Како што соопшти МВР, несреќата се случила околу 17:30 во близина на штипското село Лакавица, а во несреќата учествувале владината „шкода“ и патничко возило „фолксфаген пасат“ со швајцарски регистарски таблички кое го управувал 48-годишник од селото Мокриево, кај Ново село.
Во владиното возило патувала Тренчевска и вработена во нејзиниот кабинет, Н.Д., а го управувал нејзиниот 53-годишен возач со иницијали Г.А..
Во „пасатот“ имало четворица сопатници.
-Во сообраќајната незгода со телесна повреда се здобил возачот на шкодата Г.А., констатирана од лекар од Итната медицинска помош Штип. До сега не се пријавени повреди од друго лице. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Штип и јавен обвинител, велат од МВР.