Претседателот на Струковиот синдикат на контролорите на летање Александар Тасевски на социјалните мрежи напиша дека ги поздравува потезите на Владата да се “чешлаат” вработувања и со самото тоа и досегашното работење на М-НАВ, укажувајќи дека тоа всушност и биле нивните синдикални барања до сега.
„Би сакал да му се заблагодарам на Премиерот Ковачевски што некој најпосле ги послуша нашите барања со сериозност, а не како во минатото, сето тоа да остане на празни ветувања. Што се однесува до инсинуациите за семејни вработувања и непотизам, во конкретниов случај посочен јас и моето семејство, стојам на располагања, на сите институции, и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство, и кај нас, напиша тој.
Тасевски наброја и дел од образовните институции низ кои тој поминал со цел да и се објасни на јавноста, дека неговото школување за контролор на летање, започнало многу пред М-НАВ дури и да постои како компанија, во далечната 1993та година.
„Како дел од фелата на контролори на летање, успеав, и сеуште настојувам да помогнам со моето стекнато знаење, да ја усовршам професијата, себеси па и компанијата, давајќи удел од самите почетоци кога М-НАВ како компанија прооде за прв пат. Фактот што татко ми, посочен исто во изјавата, бил претходно вработен во полето на авијацијата, од времето на бивша Југославија па после и во М-НАВ, но јас сепак бев “принуден” да ги поминам сите тие обуки, курсеви, испити и препреки, укажува на професионалноста од негова страна, доблеста и дисциплината што ни ја втемели во нашиот карактер“, вели Тасевски.
Тој вели дека всушност и од таму потекнува борбеноста, љубовта и желбата за максимална професионалност во контролата на летање, за која тој продолжува и понатаму да се залага да се применува за секој еден кој што сака да биде дел од воздухопловното семејство, без разлика дали е „нечиј“ или „ничиј“.
„Овој факт, би требал да биде пример за пофалба, а не за критика и дефокусирање од вистинските проблеми во М-НАВ“, стои во неговата објава на социјалните мрежи.