Десетици граѓани од рано утрово наидоа на заклучени врати пред подрачната служба на Фондот за здравство. Никој не можеше да ја помине вратата на која со големи букви има напишано ШТРАЈК. Оние кои останаа таму знаеја дека службите не работат, но отишле да прашаат што да прават сега, но и до кога ќе трае штрајкот.

Затекнавме и пациентка која мора да се оперира. И таа чекаше надвор со останатите.

Граѓаните се толку очајни што чекаат и по неколку часа во надеж дека некој од вработените ќе се премислат и ќе ги пуштат внатре.

Вработените штрајкуваат поради, како што велат, препораката на Владата да им се намалат платите за 21%. Шалтерите ширум земјава ќе останат затворени сѐ додека Владата не донесе нова препорака, со која платите ќе им останат на сегашното ниво. Дотогаш ќе се услужуваат само итните случаи за малолетници или хоспитализирани пациенти, како и за лекување во странство.

Рецепти за лекови на товар на Фондот и упати има. Работат и комисиите за продолжено боледување. Но, ако штрајкот продолжи подолго време цело јавно здравство ќе остане без плата. Ќе нема префрлање на средства на клиниките и болниците и може да останат без лекови и останати медицински материјали. Нема да се исплаќаат ниту породилни и останати боледувања. Со ова целото здравството може да се колабира.