Известувачката на ОН за тортура, Алис Џил Едвардс, апелира до британската Влада да ја прекине можната екстрадиција во САД на основачот на платформата Викиликс, Џулијан Асанж.

Аргументите на Асанж мора детално да се испитаат врз основа на значителна загриженост дека тој ќе биде изложен на ризик од мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување доколку биде екстрадиран, изјави Едвардс во Женева.

Таа ја повика Владата на Обединетото Кралство „да ги преземе сите неопходни мерки за да го заштити физичкото и менталното здравје на г-дин Асанж“. Сослушувањето ќе се одржи во Високиот суд во Лондон на 21 и 22 февруари.

САД бараат екстрадиција на Асанж за да се соочи со обвиненијата за кражба и објавување таен материјал од воените операции во Ирак и Авганистан со поранешната разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг.

Асанж може да се соочи со казна до 175 години затвор во САД доколку биде прогласен за виновен. Тој е во британски затвор со висок степен на обезбедување од април 2019 година.