Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ во рамки на посетата на САД, денес учествуваше на работилницата на тема „Патот на С. Македонија кон ЕУ“.
На работилницата учество земаа заинтересирани лица – пријавени за учество на конференцијата меѓу кои и спикери, претставници на разни иницијативи и истражувачки центри, професори, истражувачи.
Вицепремиерот Маричиќ сублимирано го објасни македонскиот пат до Европската Унија, за понатаму да ја истакне важноста на изборите кои претстојат за европската кауза.
Во С. Македонија постојат два политички концепти, едниот е проевропски, другиот концепт припаѓа на крилото на национализмот односно популизмот.
За учесниците на работилницата, првиот вицепремиер накусо ја објасни важната улога на преспанскиот договор, ја дефинираше новата методологија за пристап кон ЕУ, улогата и можностите кои се отвораат за С. Македонија со пристапувањето во ЕУ.
За крај на активната дискусија, која течеше помеѓу учесниците истакна дека 2030 година е достижна и реална цел за С. Македонија да влезе во Европската Унија преку посветеност и сериозна работа.
На работилницата модерирана од Александар Јаковлевиќ се дискутираше за влијанијата на САД, за С. Македонија и целовкупниот евроинтегративен пат, влијанието на Кина како и за тоа што би било потребно да се направи како следен чекор кон пристапните преговори.
Во рамки на посетата на САД Маричиќ имаше интервју за Гласот на Америка на македонски јазик. Тој во интервјуто се осврна на актуелните теми поврзани со евроинтеграцијата на државата.
-Изборите ќе бидат еден вид на крстопат, една пресвртна точка по која што или ќе отидеме во правец на членство на С. Македонија во ЕУ до 2030 година или ќе одиме во еден стар филм кој што го гледавме 11 години и кој што значи повторно преговарање со соседите, поточно со Бугарија, еден тунел од десет години кој што не знаеме кога ќе се појави светлото на крајот на тој тунел или кога би излегле од него и повторно отворање на истите и истите прашања поврзани со идентитетот, со јазикот, со нешто што денес ни е веќе решено и ни е ставено во преговарачката рамка со Европската Унија и во процесот на преговорите, рече Маричиќ.
Понатаму во интервјуто Маричиќ рече дека 2030-та е реална можност. „Тоа не е датум, кој ни е даден како гаранција, туку како можност. Ние се боревме долго време, еве, ова влада се бори 7 години, и успеа да добие од ЕУ, индикативен датум како можност за членство во 2030-та,“
Секретаријат за европски прашања
Кабинет на Заменик претседателот на Владата за европски прашања