Втор ден од објавената Годишна програма, а реакциите не стивнуваат! Веќе втор ден министерката не ги објавува имињата на членовите на комисиите кои се потпишаа на скандалозната програма без концепт и без стратегија, веројатно поради големите реакции во медиумите и на социјалните мрежи, претпоставувам дека и тие самите молат да не се објавуваат нивните имиња, ова денеска преку прес-конференција го истакна Зоран Љутков, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Втор ден по ред, министерката не ги обзнани стручните комисии, кои таа во својата ФБ објава ги глорифицираше до таа мера, што напиша, цитирам: „Пристигнатите пријави ги разгледуваа стручните комисии кои според нивните извештаи без двоумење поддржаа проекти кои ги оценија како креативен блесок“. Под превезот на оваа суптилна реченица, министерката всушност несмасно се обидува да ги промовира проектите зад кои стојат тотално новокомпонирани лица во културата, поддржани со неразумни средства, народни пари! Министерката мора да одговори, како овие „нови креативни блесоци“ беа валоризирани од тајните комисии, кои стручно и компетентно расфрлаа енормни средства. Врз основа на кој критериум се најдоа на листите на проекти од прва категорија?, прашува Љутков.

Тој прашува и дали за сметка на долгогодишните фестивали кои беа во прва и втора категорија во 2022 и 2023 година, сега се оценети во четврта, со одобрени средства еднакви за едночасовен концерт на млад музичар… додека на пример Здружението за култура, уметност, спорт и рекреација АРТАЛ од Тетово за Меѓународен фестивал „Меридианс“ (6- та едиција) од 300.000 денари во 2023 година, годинава за реализација на 7-та едиција му се одобрени пет пати повеќе, односно 1.400.000 денари.

„Ова ли се тие проблесоци на комисиите кои веројатно беа заслепени од сјајот на новите креативности под диктат на СДСМ и ДУИ? Презентираните 14 милиони евра, како директни вложувања во културата, не можеме да ги препознаеме од понудената Годишна програма, па ја повикувам министерката јавно да ни ја разреши оваа непознаница и тоа: Колкави се буџетите за секоја дејност одделно споредбено со лани и колку средства се распределени за проектите во секоја дејност?! Меѓу многуте прашања кои имам да ги поставим, а се премногу за овој прес, денес ќе се осврнам на неколку, а истите произлегуваат од нејзините најавени приоритетни заложби во културата: За кое домашно творештво зборува таа, кога само во Драмската дејност, се видно намалени средствата, а од тие оскудни средства 45% од вкупниот буџет или 16.000.000 денари се предвидени за странски режисери? Министерке каде се македонските автори? Каде се младите автори? Како што последниот конкурс на агенцијата за филм им го одземавте правото на младите филмски режисери да дебитираат на филмското платно, така и на овој конкурс им оневозможивте на младите театарски режисери да си ги остварат сонот! За каков рамномерен културен развој зборува министерката, со брутално фаворизирање на само еден град, наспроти сите останати? Колку помалку значење имаат Штип, Струмица, Велес, Куманово, Прилеп итн, па се дури и 10 пати помалку финансирани од Битола?, прашува Љутков.

Тој додава дека заслужи ли Велес и Манифестацијата Рацинови средби со шеесет годишна традиција од 2020 година до денес за 500.000денари да им го скратите буџетот и да спадне на бедни 86.000 денари поддршка од министерството, а добро се сеќавате дека минатата година, на отворањето со телевизиската сеијата за РАЦИН на која Вие бевте присутна, јавно ве прозвав, а вие ветивте пред цела публика дека наредната 2024 година ќе ја исправите грешката?! Не министерке вие не ја исправивте грешката, вие го казнивте ликот и делото на Рацин.

„Дали меѓународната активност на министерството, претставува, ниту едно целно претставување на културата на Република Македонија во странство, односно долго најавуваните „Денови на македонската култура“ во реномирани културни центри во светот, не постојат во Годишната програма?! И сосема за крај на оваа прес конференција, ќе ви поставам најдиректно прашање, министерке кој е заедничкиот именител на следниве субјекти поддржани во Вашата Годишна програма или во Ваш жаргон, проекти кои се карактеризираат со епитетот„ креативен блесок“? Здружение на граѓани за поинакво делување АРТАКТ,
Друштво за производство, трговија и услуги ТРИЧЕТВРТИ увоз-извоз ДООЕЛ и Сташа Божиновска, сите од Битола, кои се финансирани од министерството за култура со преку 2.000.000 денари. Оваа похлепна бездушност и неукост во создавањето на годишните програми 7 години по ред во континуитет го распадна македонското ткиво! И на крајот, во духот на креаторот на македонските погубни политики да завршам:
Рибата што ви смрдеше од опашката сега се усмрде и во главата“, вели Љутков.