Два реактори во нуклеарната централа Шинон во западна Франција се исклучени по пожар во неа, јави ДПА, повикувајќи се на синоќешното соопштение на енергетската компанија Е Де Еф.
Пожарот избувнал околу 2 часот и 40 минути рано утрото вчера по локално време од главниот трансформатор на третата нуклеарна единица во неактивна зона, стои во соопштението на Е Де Еф. Реакторот беше исклучен автоматски според протоколот. Од компанијата истакнуваат дека пожарот е изгаснат.
Бидејќи четвртиот реактор е поврзан со третиот, тој исто така беше исклучен од безбедносни причини, додаде Е Де Еф.
Француската агенција за нуклеарна безбедност објави дека пожарот предизвикал пад на моќноста на третиот нуклеарен реактор, што пак довело до негово автоматско исклучување.
Институтот за радијациска заштита и нуклеарна безбедност издаде посебно соопштение дека го следи инцидентот, кој според него „немал никакво влијание врз населението или животната средина“.
фото: архива