Антонио МИЛОШОСКИ

Стотици илјади наши државјани кои живеат надвор од Македонија, се заглавени во правна неизвесност заради неспособноста на власта на ДУИ&СДСМ поврзана со дилемата за важноста на пасошите. Додека грчкиот МНР Гарапетритис пишува писма до своите колеги дека пасошите со Република Македонија ќе биле неважечки после 12ти февруари, министерот за надворешни Османи не е способен да испрати ни една нота до македонските амбасади и да им даде јасни инструкции на дипломатите, а преку нив и до дијаспората.

Секој ден расте нервозата кај иселениците и се зголемуваат гужвите за вадење на патен лист пред амбасадите. Нашите државјани со право се загрижени дека ваквата неспособност на МНР Османи може да им го загрози нивното право на слободно движење, да им направи штети во нивниот работен однос, во регулираниот престој во земјата на живеење, при роднински посети, закажаните здравствени интервенции или во образовните обврски.

Дополнително, во гужвите за патен лист пред амбасадите, неспособноста на МНР Османи иселениците ја плаќаат со нивното време и со нивните пари.

На 8ми февруари Османи одржал онлајн советување со шефовите на македонските ДКП-а. Најчесто употребувана фраза на Османи кон дипломатите била “ни треба одредена флексибилност”, без да даде одговор на конкретните прашања дали патните исправи се важечки или не. Но, она што го знаат многумина во МНР е дека министерот Османи не успеал да убеди никого од соработниците да потпишат дипломатска нота со позиција дека валидните пасоши со Република Македонија треба да се прогласат за неважечки.

Контроверзна била и намерата на министерот некој од раководните дипломати да потпише нота која би се испратила до Меѓународната авио-превозна асоцијација (IATA) во која би се навело дека пасошите со Република Македонија се невалидни и тоа да резултира со рестриктивен пристап на авио компаниите кон македонските државјани. Но, за среќа министерот бил одбиен.

Дури и оние сервилните кон Бујар, а поискусни дипломати, сепак знаат дека ниту нашето МНР, ниту МНР на друга странска држава не смее да поништи валиден пасош, бидејќи тоа е класична повреда на едно од основните човекови права, правото на слободно движење, гарантирано со Европската конвенција за заштита на човековите права (Протокол 4, член 2).

Затоа, за да им се помогне на илјадниците македонски државјани кои живеат во странство, МНР преку амбасадите треба да ги извести дека:

1. Согласно меѓународните конвенции ниедна странска држава (во случајов Грција) не може да поништи валидна македонска патна исправа издадена на наш државјанин од овластен државен орган❗️
2. Секој македонски државјанин кој поседува валиден пасош, без разлика во која странска држава живее или престојува, може со таа патна исправа да го ужива своето загарантирано право на слободно движење во сите држави, со единствена резерва за патувања во Грција❗️
3. Дури и во Преспанскиот Договор (чл.20 став 7) стои дека истиот не може да ги засега односите на Македонија со трети држави, ниту да ги загрози правата на било кој поединец.
4. Македонското МНР треба официјално да ја извести грчката страна за моменталните околности по ова прашање и заеднички да се изнајде взаемно прифатлив технички начин за користење на валидните пасоши при патувања во или транзит низ Грција.

И за крај, сумарно.

Османи, Спасовски, Маричиќ и Артан Груби прво ветуваа отворена Европа, потоа ветуваа Отворен Балкан, за денес од Македонија да направат затворена “конзерва” во која самите македонски државјани тешко можат да влезат и уште потешко да излезат.

Од дното подолу!

Отоманско било, вака не било!